ФУДБАЛ

Клубовите од англиската Премиер-лига лани имале најголеми трошоци за повреди на играчите во споредба со другите пет лиги, 206,37 милиони евра, далеку пред шпанската Ла лига, која е втора, со 122,26 милиони евра

Европските клубови во петте најдобри лиги минатата 2021/2022 сезона платиле рекордно висока цена како надомест за повредите на своите играчи, 513,23 милиони фунти (573,86 милиони евра), што е зголемување за 29 отсто во споредба со претходната сезона, се наведува во истражувањето спроведено од осигурителниот брокер „Хауден“, пишува „Би-би-си“.

Бројот на повредите се зголемил за 20 отсто во однос на претходната сезона, со вкупно 4.810 регистрирани играчи.

Англиската Премиер-лига имала најголеми трошоци за повредите на играчите во споредба со другите пет лиги, 184,57 милиони фунти (206,37 милиони евра), далеку пред шпанската Ла лига, која е втора со 109,34 милиони фунти (122,26 милиони евра) итн. Во Премиер-лигата се забележани 1.231 повреда во 2021/2022 година, во споредба со 938 во претходната сезона. Челси е водечки во таа категорија, со 97 повреди, Манчестер јунајтед е втор, со 81, а Ливерпул трет, со 80. Манчестер јунајтед имал највисоки трошоци за повредените играчи, 26,72 милиони фунти (29,88 милиони евра), во просек 330.000 фунти (367.000 евра) по повреда, или 14,5 отсто од вкупните трошоци за повреди за целата Премиер-лига. Францускиот шампион ПСЖ им исплатил најмногу на повредените играчи, 34,22 милиони фунти (38,26 милиони евра).

Шампионот во шпанската Ла лига и победник во Лигата на шампионите (ЛШ), Реал Мадрид, пак, имал најмногу отсутни играчи, 114, и е втор според трошоците, 33,95 милиони фунти (37,96 милиони евра).

Пресметките на „Хауден“ се базираат на трошоците по ден пауза поради повреда споредени со основната плата на играчот, а податоците се добиени од „Спорт интелиџенс“.

Низ Европа е забележано и значително зголемување на повредите на играчи под 21 година, 326 во 2021/2022 година, многу повеќе во споредба со 2018/2019, кога имало само 30. Имало и многу случаи на повторливи повреди.

Во контекст на интензивираните дискусии за календарот на натпревари, истражувањето се осврнува и на тоа дали трошоците направени поради повредите стануваат неодржливи за европските клубови. Неколку врвни менаџери веќе го кренаа гласот поради оптоварувањето на нивните играчи, а една неодамнешна студија на Синдикатот на светски фудбалери (ФИФПРО) сугерира дека врвните играчи би можеле да се соочат со крајна исцрпеност поради претераното играње. Л.Д.