Стошевски и Мишевски со потпишаниот меморандум за соработка

ШАХ

По исклучително плодната соработка помеѓу шахистите ветерани и слепите шахисти и лицата со оштетен вид, претседателствата на здружението шаховски клуб на ветерани „Скопје 72“ и на Националната спортска федерација на слепи на Македонија, а врз основа на своите статутарни надлежности, потпишаа меѓусебен меморандум за соработка.

Основните постулати на кои ќе се базира понатамошната соработка ќе бидат почитување и примена на мотото „Сите сме еден род“ (Генс уна сумус). Потписниците на меморандумот се обврзуваат да ги внесат и активностите со кои ќе се имплементира шаховската игра меѓу слепите и лицата со оштетен вид, и тоа на меѓусебни екипни и поединечни натпревари, едукативни и шаховски предавања, размена на искуства, ангажирање на шаховските ветерани како тренери на младите шахисти со оштетен вид и слично.

Меморандумот за соработка го потпишаа истакнатиот шаховски ветеран Илија Стошевски и претседателот на Националната спортска федерација на слепи на Македонија, Благоја Мишевски. Г.И.