ФУТСАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Квалификациските натпревари ќе започнат на 9 декември годинава, а ќе завршат во април идната година
Португалија, Холандија и Андора се противниците на македонската машка футсал-репрезентација во групата седум, во претстојните квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во Летонија и во Литванија во 2026 година (18 јануари – 8 февруари).
Тоа е епилогот по извршената ждрепка за ова ЕП, во кое 40 репрезентации беа поделени во 10 групи со по четири селекции. Предвидено е квалификациските натпревари да започнат на 9 декември годинава, а да завршат во април идната година.
Летонија и Литванија како домаќини на ова ЕП автоматски обезбедија пласман по едно место, десетте првопласирани репрезентации во групите ќе се квалификуваат за овој настан, додека осумте второпласирани во групите ќе играат во плејоф. Г.И.