Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прваците од претходните две сезони, Реал Мадрид и Челси, третпат по ред играат меѓу себе во нокаут-фаза на ЛШ, Гвардиола ќе има враќање во Минхен, откако Манчестер сити ќе се сретне со неговиот претходен клуб Баерн, Бенфика и Интер меѓу себе играа во финалето во 1965 година, а Наполи и Милан ќе одиграат три меѓусебни средби во април, една во првенството и две во ЛШ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Интер, Бенфика, Милан или Наполи на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас ќе игра во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава, како и еден од тимовите Реал Мадрид, Челси, Манчестер сити и Баерн, реши вчерашната ждрепка во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во четврт-финалето (првите средби се закажани за 11 и 12 април, а реваншите за 18 и 19 април) ќе играат Бенфика – Интер, Милан – Наполи, Реал Мадрид – Челси и Манчестер сити – Баерн. Во полуфиналето ќе се сретнат победниците на првите две двојки, како и подобрите од вторите две четвртфинални двојки. Со ваквиот распоред, сезонава нема да има финале во кое би играле екипи од иста земја.
Реал Мадрид и Челси третпат по ред ќе играат меѓу себе во нокаут-фаза на фудбалската Лига на шампионите. Во сезоната 2020/2021 Челси оствари вкупна победа во полуфиналето, со 3-1 (1-1 на гости, 2-0 дома), а Реал Мадрид, пак, славеше лани во четврт-финалето, со вкупен резултат 5-4 (3-1 на гости, 2-3 дома). Во двата случаја победниците на тие дуели ја освоија титулата подоцна во тие сезони.
Пеп Гвардиола ќе има враќање во Минхен, откако Манчестер сити ќе се сретне со неговиот претходен клуб Баерн. Бенфика и Интер меѓу себе играа во финалето на тогашниот Куп на шампионите во 1965 година. Наполи и Милан ќе одиграат три меѓусебни средби во период од петнаесетина дена, откако прво ќе имаат првенствен натпревар на 2 април во Неапол, а потоа се двата дуела во четврт-финалето на Лигата на шампионите, од 11 до 19 април, прво во Милано, а потоа во Неапол.
Шест од осумте тима во четврт-финалето сезонава се некогашни европски прваци, меѓу нив и актуелниот и најтрофеен со 14 континентални титули, Реал Мадрид.
Во четврт-финалето на Лига Европа ќе се сретнат Манчестер јунајтед – Севилја, Јувентус – Спортинг, Баер – Унион СЖ и Феенорд – Рома. Средбата Феенорд – Рома е реприза на ланското финале во Конференциската лига. Во полуфиналето меѓу себе ќе играат победниците на првите две двојки, како и подобрите од вторите две четвртфинални двојки. Победникот на Лига Европа во следната сезона ќе настапи во Лигата на шампионите. Г.М.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Милан – Наполи
2. Бенфика – Интер
3. Реал Мадрид – Челси
4. Манчестер сити – Баерн

мечевите се од 11 до 19 април

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2
Победник 3 – Победник 4

мечевите се од 9 до 17 мај

ЛИГА ЕВРОПА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Манчестер Ј. – Севилја
2. Јувентус – Спортинг
3. Баер – Унион СЖ
4. Феенорд – Рома
мечевите се на 13
и на 20 април

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 2 – Победник 1
Победник 4 – Победник 3

мечевите се на 11 и на 18 мај