Чекорење по работ

Не се попусто оние бројки за пад на довербата во ЕУ, која од 90 отсто во некои минати времиња, сега е на нешто под 50 отсто. Тоа е фрапантно висок пад на расположението кон Унијата. На ова бриселските бирократи ќе одговорат дека сите земји прават некакви жртви на својот европски пат, што во суштина е точно, но тоа не се жртви со кои се омаловажува и понижува народот во тие земји. Најдобра потврда дека е тоа така е расположението во земјите од регионот кон ЕУ, кое се движи од 70 до 95 отсто, што јасно говори дека тие луѓе не се понижени и изиграни на начин како што тоа беше направено со македонските граѓани

Македонија беше првата земја од регионот што на 9 април 2001 година во Луксембург потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, на тој начин трасирајќи го сопствениот пат за членство во Унијата како една од двете стратегиски цели, покрај зачленувањето во НАТО.
Вчера во Скопје се одржа 16-от состанок по ред за спогодбата што земјава ја потпиша уште пред 22 години, но и натаму е заглавена во европската чекалница, гледајќи со години како пред неа во европското семејство се зачленија земји што беа на исто рамниште на подготвеност, а некои дури и заостануваа во повеќето области.
Овие повеќе од две децении се вистински срам за Европската Унија, која дозволи билатерални спорови да го попречуваат европскиот пат на една мала земја, која единствено нешто што бараше од Брисел беше фер третман, ист онаков како за сите земји кандидати.
Но тоа не се случи, па Европа наместо да се грижи дали земјава ги исполнува Копенхашките критериуми, дозволи најпрво Атина да наметне (билатерален) спор за разликите околу името и тоа да стане пречка земјава да напредува во евроинтегративните процеси. Тоа траеше безмалку три децении, додека во меѓувреме Унијата се ширеше со земји што, барем добар дел од нив, беа на исто ниво на подготвеност. И кога се чинеше дека единствен начин да се прекине таа голгота е да се прифати промена на името на државата, сето тоа дополнето со вербалните гаранции што пристигнуваа од сите високи европски политичари дека името е последната пречка и дека преговорите само што не започнале, одеднаш на францускиот претседател Макрон му текна дека треба да има промена на преговарачката методологија. Камо среќа францускиот претседател да беше барем малку политички доблесен, во тој момент да ја изземеше Македонија од оваа одлука и јасно да кажеше дека земјава направила преголема жртва и дека Европа треба да го исполни своето ветување што ѝ го дала. Но очигледно европските ветувања ги обезвреднија самите европски лидери, а дека е тоа така се виде веднаш по завршувањето на француската блокада, кога на сцена стапи нова, сега бугарска блокада, со уште поапсурдни барања: да се откажеме од македонскиот идентитет, јазик и историја, или да прифатиме дека сме Македонци по 1945 година.
Е, сега, истите тие Европејци ни порачуваат дека мора да ги внесеме Бугарите во македонскиот устав, оти тоа е последната работа што се бара од нас, а потоа вратите на ЕУ ни се отворени. Пораките што деновиве пристигнуваат од дипломатски извори во Брисел се дека вратата за влез на Македонија во европското семејство нема секогаш да биде отворена (демек досега била отворена), бидејќи 2024 година е година на избори и во Европската Унија (ЕУ) и во Македонија, така што сега е вистинскиот момент да се работи на преземените обврски, за да може ЕУ да ја поттурне Македонија напред во процесот на приближување на земјата кон членство во Унијата. Од досегашните искуства што ги имавме со ЕУ, „Унијата може само така патем, случајно и ненамерно, да ја поттурне Македонија во амбис, бидејќи земјава веќе чекори по работ“.

Македонските граѓани не се наивни и глупави, туку знаат добро да оценат кога некој не го исполнува дадениот збор. Впрочем, не се попусто оние бројки за пад на довербата во ЕУ, која од 90 отсто во некои минати времиња, сега е на нешто под 50 отсто. Тоа е фрапантно висок пад на расположението кон Унијата. На ова бриселските бирократи ќе одговорат дека сите земји прават некакви жртви на својот европски пат, што во суштина е точно, но тоа не се жртви со кои се омаловажува и понижува народот во тие земји. Најдобра потврда дека е тоа така е расположението во земјите од регионот кон ЕУ, кое се движи од 70 до 95 отсто, што јасно говори дека тие луѓе не се понижени и изиграни на начин како што тоа беше направено со македонските граѓани.
Сега Брисел одново врши притисок врз Македонија и порачува дека ако сега не се направеле уставните измени, тогаш којзнае кога Македонија ќе се најде на агендата на Унијата, демек досега небаре ја имаше на европската агенда. Ако вистински им беше важно проширувањето на Унијата со Македонија, тогаш и Грција и Бугарија ќе беа замолкнати уште многу одамна.
Чудно е како истите тие европски бирократи очекуваат македонската јавност да поверува на нивните објаснувања дека ако земјата сега не ги внесе Бугарите во Уставот, тогаш во 2024 година ќе имало европски избори и приказната околу нашето членство ќе завршела. Имајќи го предвид однесувањето на Брисел, уште сега (може да се консултира и вештачката интелигенција) слободно може да кажеме дека дури и да ги внесеме Бугарите во Уставот, по европските избори во 2024 година ќе се формира некоја нова европска комисија, која ќе каже дека е време за внатрешни реформи на Унијата, за финансиска консолидација, за дискусија за летното и зимското сметање на времето, за роковите до кога моторите на внатрешно согорување ќе се употребуваат во ЕУ, за зелените енергии, за пестицидите, но секако нема да стане збор за проширувањето со Македонија и преостанатите од Балканот.

Затоа можеби е подобро наместо ЕУ да ја заплашува земјава со пораките „сега или никогаш“, да ги праша оние во Софија до каде се со спроведувањето на пресудите од Судот за човекови права во полза на македонското малцинство, до каде се со владеењето на правото, на справувањето со корупцијата, за сите преостанати работи на кои Брисел им прогледа низ прсти кога ги пушти прекутрупа да влезат во Унијата, за сега истите тие да продаваат некаква европска демократија од која се светлосни години далеку.
Оцена на македонските власти е дека станува збор за важен сигнал тоа што Советот на спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ за првпат се одржува во Скопје, но очигледно забораваат дека исто вакви „важни сигнали“ добивавме кога во земјава продефилираа и поранешната германска канцеларка Меркел и поранешната британска премиерка Меј, како и редица други европски високи политичари, со порака дека името е последниот услов за земјава да ги започне преговорите со ЕУ.
За жал, не само што излезе дека не е последен туку сега, со прифаќањето на „францускиот предлог“ за преговори со ЕУ, ќе има уште многу услови што Бугарија ќе ѝ ги поставува на Македонија кога и да посака, така што времето што е пред нас најдобро ќе го илустрира тоа. Со други зборови, ова што вчера се одржа Советот на ССА во Скопје не е ништо друго туку форма на суптилен притисок, кој едноставно се чувствува во воздухот.

Ако за ЕУ, Балканот е геополитички приоритет, како што тврди комесарот за проширување, тогаш уште утре во пакет може да ги приберат сите земји, макар и со скратени ингеренции и за гласање, и за вето, и за фондовите, и за сè друго, но да се водат како официјални членки на Унијата. Кога некој спомнува геополитика, треба да знае дека најважна работа е геополитичките интереси да се остварат што поскоро, а не да се чекаат 20 или 30 години, кога можеби ќе се појават и други геостратегиски играчи што ќе сакаат веднаш да се позиционираат на овие простори, без да губат и малку време.
Инаку, во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, во главата Општи начела, е предвидено дека транзицискиот период за асоцијација се дефинира на максимум десет години, но Македонија, благодарение на ЕУ, ги дуплираше овие рокови, со тенденција да ги триплира.
Како и да е, крајно време е Европската Унија да се врати на сопствените корени и наместо да врши притисоци и да бара да ги внесуваме Бугарите во Уставот, објективно да оцени дали земјава ги исполнува Копенхашките критериуми, исто онака како што тоа го правеше за сите други, ништо повеќе, ништо помалку.