Европската фудбалска унија (УЕФА) реши да го премести финалето од Санкт Петербург во Париз. Трета година по ред, УЕФА го менува местото на одигрување на финалето, ланското од Санкт Петербург во Порто, а во 2020-та од Истанбул во Лисабон, поради пандемијата на коронавирусот

ФУДБАЛ – УЕФА

Финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) годинава ќе се игра во Париз, наместо во Санкт Петербург, на 28 мај, одлучи Европската фудбалска унија (УЕФА) на вчерашниот итен состанок на Извршниот комитет (ИК). Трета година по ред, УЕФА го менува местото на одигрување на финалето на ЛШ, ланското од Санкт Петербург во Порто, а во 2020-та од Истанбул во Лисабон. Предвидено е финалето да се игра на стадионот „Стад де Франс“, каде што претходно се играа финалињата во 2000 и во 2006 година.
УЕФА изрази благодарност до францускиот претседател Емануел Макрон за „неговата лична поддршка и посветеност најпрестижниот натпревар во европскиот клупски фудбал да се пресели во Франција во време на неспоредлива криза“.
– Заедно со француската влада, УЕФА целосно ќе ги поддржи напорите на повеќе засегнати страни за спасување на фудбалерите и на нивните семејства во Украина, која се соочуваа со големо човечко страдање, уништување и раселување – пишува во соопштението на УЕФА.
УЕФА исто така реши руските и украинските клубови и репрезентации домашните мечеви во натпреварувањата на УЕФА да ги играат „на неутрални терени до дополнително известување“, соопшти УЕФА.
Русија и Украина ќе ги играат плејоф-натпреварите за пласман на Светското првенство (СП) во Катар во март. Русија треба да ѝ биде домаќин на Полска во Москва, на 24 март, а Украина треба да ѝ гостува на Шкотска истиот ден. ФИФА допрва треба да донесе одлука што да прави со плејоф-натпреварите за пласман на СП следниот месец. Европската клупска асоцијација (ЕКА) издаде соопштение во кое ја поддржува одлуката на УЕФА за преместување на финалето на ЛШ.