Оливер Бирхоф, стрелецот на првиот златен гол / Фото: ЕПА

Oд 1996 година на ЕП беа освоени титули со златни голови (стрелци Бирхоф и Трезеге), беше видена доминација (Шпанија освои две круни во низа), а имаше и по едно финале решено во продолженија и на пенали

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (7)

До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства

Во вкупно 16 финалиња на фудбалските европски првенства (ЕП), седум се решени по продолженијата, по две на пенали и со златен гол и едно со нов финален меч, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). На неколку недели до почетокот на ЕП годинава во Германија, во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти од минатите шампионати (во претходното продолжение ви го пренесовме највозбудливите детали од финалињата од 1960 до 1992 година, неделава за тоа како беа решавани другите финални мечеви досега).
„Земи го Оливер Бирхоф. Тој ќе ви се оддолжи“, му рече сопругата на германскиот селектор Берти Фогтс на венецијанската гондола пред ЕП 1996, пишува УЕФА. Така и се случи. Бирхоф потоа влезе во игра на 21 минута пред крајот на финалето во Лондон, во кое Чешка водеше со пеналот на Патрик Бергер. Тој не губеше време, со гол донесе продолженија, пред да го постигне победоносниот гол во 95. минута, првиот златен гол. „Тој беше типичен центарфор, не беше најдобар технички, но толку многу го заслужи тоа. Сите добивме од тоа, но тој го заслужи тоа“, рече неговиот колега Матијас Замер.
Италија беше неколку секунди од славата на ЕП 2000, водејќи со голот на Марко Делвекио, а последниот удар на Силвен Вилторд донесе продолженија. Давид Трезеге го направи остатокот во Ротердам, со првиот удар кон мрежата. „Сета моја сила беше во тој удар, тоа беше тешко првенство. Франција стана првата селекција што освои ЕП по освојувањето на светско првенство. Тоа беше одлична работа за нашата земја“, рече Трезеге за својот „златен гол“. Четири години подоцна Грција приреди изненадување во Лисабон, победувајќи ја Португалија во финалето со 1-0. „Кога судијата го заврши мечот, како да се исклучија светлата, уште една празна точка во моето сеќавање. Неверојатни моменти“, рече играчот на турнирот Теодорос Загоракис.
Шпанија ги заврши 44-те години чекање, а голот на Фернандо Торес во финалето на ЕП 2008 во Виена донесе период на глобална доминација. Шпанија не отиде подалеку од четврт-финалето на ниту едно првенство во претходните 24 години, но избраниците на Луис Арагонес избраа да ја искористат таа историја како инспирација, а не како товар. „Го освоивме овој турнир во голем стил“, рече Арагонес. Во финалето на ЕП 2012, против Италија со возбудлива нокаут-кампања, Шпанија имаше контрола од моментот кога Давид Силва направи пробив со редок удар со глава во 14. минута во Киев. Голот на неуморниот Жорди Алба, неговиот прв репрезентативен гол, ги остави азурите со голема задача. Глетката како Тиаго Мота, нивната трета замена, беше однесен на носилки, ја згасна сета надеж, поради што Италија ги одигра последните 28 минути на тој меч со десет играчи, а шпанските замени Торес и Хуан Мата целосно ги искористија шансите, пишува УЕФА.
ЕП 2016 беше прво со 24 репрезентации. Франција играше за да го круниса својот домашен турнир со освојување на трофејот против Португалија, која не успеа да победи на натпревар во групната фаза и го загуби Кристијано Роналдо поради повреда неколку минути по почетокот на мечот во Париз. Избраниците на Фернандо Сантос ја покажаа својата решителност кога им беше најпотребно, изнудија продолженија, а потоа постигнаа гол преку замената Едер во 109. минута. „Роналдо ми рече дека ќе го постигнам победничкиот гол. Ми даде сила и позитивна енергија. И првиот голем трофеј“, изјави Едер.
Кога Лук Шо во финалето на ЕП 2020 го постигна најбрзиот гол на кое било финале на ЕП, навивачите на Англија беа убедени дека голем меѓународен трофеј „се враќа дома“, првпат по СП 1966. Тимот на Роберто Манчини беше непоразен во 33 дуела пред тој дуел во Лондон. Леонардо Бонучи израмни на средината на вториот дел, немаше гол во продолженијата, а потоа Џанлуиџи Донарума ги одбрани последните два удара од пенали на Англија за да го донесе првиот триумф на Италија на ЕП од 1968 година. Н.М.

Идната недела: Публика