Досега меѓу 16-те најдобри сезонава во ЛШ се пласираа клубови од пет земји, и тоа од Шпанија (четири тима), Германија (три), Англија, Италија (по два) и од Холандија (еден). Во претходните 10 сезони клубови од најмногу земји имаше во сезоната во 2015/2016, вкупно 10. Во шестото коло, на програмата на 12 и на 13 декември, ќе се решава за уште четири патници во осминафиналето, каде што место обезбедија Арсенал, Баерн, Манчестер сити, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона, Борусија Дортмунд, Интер, Лацио, Лајпциг, ПСВ Ајндховен и Сосиедад
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Арсенал, Баерн, Манчестер сити и Реал Мадрид како првопласирани од групите ќе влезат во ждрепката за осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите и нема да играат меѓу себе во таа фаза од натпреварувањето. По пет одиграни кола во Лигата на шампионите пласман меѓу 16-те најдобри обезбедија и Атлетико Мадрид, Барселона, Борусија Дортмунд, Интер, Лацио, Лајпциг, ПСВ Ајндховен и Сосиедад, а од нив сигурно второпласирани се Лајпциг и ПСВ Ајндховен.
Ждрепката за осминафиналето на Лигата на шампионите, која треба да биде влечена на 18 декември, ќе биде полудиригирана, што значи дека меѓу себе нема да играат првопласираните екипи во групите, потоа тимови од иста земја, како и тие што веќе играле меѓу себе во групната фаза сезонава. Така, на пример, Баерн нема да се сретне во осминафиналето со Арсенал, Манчестер сити, Реал Мадрид, Борусија Дортмунд, Лајпциг, второпласираниот од својата група (Копенхаген, Галатасарај или Манчестер јунајтед)…
Во шестото коло, на програмата на 12 и на 13 декември, ќе се решава за уште четири патници во осминафиналето, а кандидати се Копенхаген, Галатасарај и Манчестер јунајтед од групата А, Наполи и Брага од групата Ц, ПСЖ, Њукасл и Милан од групата Ф, како и Порто и Шахтер од групата Х. По пет кола, сигурни третопласирани во своите групи, а со тоа и учесници во нокаут-фазата на Лига Европа, се Феенорд и Јанг бојс.
Досега во осминафиналето се пласираа клубови од пет земји, и тоа од Шпанија (четири), Германија (три), Англија, Италија (по два) и од Холандија (еден). Сезоната во групната фаза на Лигата на шампионите ја почнаа тимови од 15 земји, а вкупно најмалку седум, а најмногу девет земји ќе бидат претставени во осминафиналето. Во претходните 10 сезони клубови од најмногу земји имаше во сезоната во 2015/2016, вкупно 10, од девет имаше во 201720/18, од по осум во сезоните 2014/2015 и 2021/2022, од по седум земји лани и во сезоната 2018/2019, од по шест во 2016/2017 и во 2020/2021, од пет во 2019/2020…
Во однос на минатата, сезонава сигурно ќе има барем шест нови учесници во осминафиналето, на местото на Тотенхем, Челси, Бенфика, Ливерпул, Бриж и Ајнтрахт. И лани и сега меѓу 16-те најдобри се Баерн, Реал Мадрид, Манчестер сити, Интер, Лајпциг и Борусија Дортмунд. Н.М.
ЛШ, ОСМИНАФИНАЛИСТИ
Група А Баерн и Копенхаген, Галатасарај или Манчестер Ј.
Група Б Арсенал и ПСВ Ајндховен
Група Ц Реал Мадрид и Наполи или Брага
Група Д Сосиедад и Интер
Група Е Атлетико Мадрид и Лацио
Група Ф Борусија Д. и ПСЖ, Њукасл или Милан
Група Г Манчестер сити и Лајпциг
Група Х Барселона и Порто или Шахтер
ЗЕМЈИ СО ОСМИНАФИНАЛИСТИ ВО ЛШ
СЕЗ. ЗЕМЈИ
2023/2024 7-9
2022/2023 7
2021/2022 8
2020/2021 6
2019/2020 5
2018/2019 7
2017/2018 9
2016/2017 6
2015/2016 10
2014/2015 8