Фото: ЕПА

Имајќи го предвид хроничното речиси дведецениско неспроведување од страна на Бугарија на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за правото на здружување и регистрација на здруженијата на Македонците во таа земја, повикувањето на Македонија од бугарската министерка Габриел за „почитување на човековите права и европските вредности“ звучи дипломатски привлечно, но само доколку тоа е искрено…

Слободното време од присуството во Скопје за министерскиот состанок на ОБСЕ, бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата, Марија Габриел, го искористила да ја отвори изложбата „Пловдив – град на мозаиците“ во Бугарскиот културно-информативен центар во главниот град и за средба со претставниците на бугарската заедница во Македонија. Во таа пригода, Габриел се осврнала на отвореното прашање, односно условувањето на Бугарија со уставни измени во Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, кое очигледно ги оптоварува и меѓусебните односи на двете соседни земји. Притоа, Габриел констатирала дека не постои „билатерален проблем“ меѓу Македонија и Бугарија, туку дека се работи за „почитување на човековите права и вредностите на ЕУ“.
– Не постои билатерален проблем меѓу Бугарија и Македонија. Бугарија е членка на ЕУ и ги поддржува принципите и вредностите на ЕУ. Кога Македонија сака да стане членка на ЕУ, мора да покаже дека членството во ЕУ значи обврски и исполнети ветувања. Разбирањето во ЕУ е јасно – сакаме да покажеме дека мора да се почитуваат човековите права и принципите на ЕУ – посочила Габриел за бугарските медиуми.
Имајќи го предвид хроничното речиси дведецениско неспроведување од страна на Бугарија на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур (највисока институција задолжена според одредбите на меѓународното право за прашањата на човековите права) за правото на здружување и регистрација на здруженијата на Македонците во таа земја, повикувањето на Македонија од бугарската министерка Габриел за „почитување на човековите права и европските вредности“ звучи дипломатски привлечно, но само доколку тоа е искрено, чесно и навистина принципиелно и во духот на демократијата и меѓународното право, токму онака како што вицепремиерката при искажувањето сакаше да звучи.

Грст сомнежи од нашите соговорници интелектуалци

– Пред кој било од официјална Софија да може да зборува и да повикува некого на почитување на човековите права, оваа држава мора прво да ги исполни своите обврски спрема Стразбур, т.е. да ги спроведе пресудите во корист на правото на здружување на Македонците во Бугарија, од Европскиот суд за човекови права. Бугарија со повеќе случаи е пример за газење на човековите права во контекст на правата на малцинствата, за разлика од Македонија, која има регулативи со највисок степен на почитување на човековите права, често и над вообичаените меѓународни стандарди за овие прашања. Бугарските политичари ги споменуваат човековите права само кога ним им одговара и во контекст како што ним им одговара. Повикувањето на бугарската вицепремиерка Габриел за почитување на човековите права од страна на Македонија е под ниво на сериозна дипломатија и изговорена по „службена должност“, веројатно свесна дека веќе нема време да бидат спроведени уставните измени што ги бараат од Македонија, но и дека нема повеќе да се повтори ваква поволна клима во македонскиот политички амбиент за прифаќање на уцените од Бугарија – вели поранешната македонска дипломатка Мелпомени Корнети.

Менкиновски: Најпрвин Софија да ги спроведе одлуките на ЕСЧП од 14-те пресуди во корист на македонцките здруженија во својата земја

Слично согледување за пораката на бугарската министерка за надворешни работи, упатена од Скопје, за македонските политичари, има и адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
– Пред сѐ, за Бугарија да повикува некого на почитување на човековите права, мора да ги спроведе одлуките на ЕСЧП од 14-те пресуди во корист на македонските здруженија во својата земја. Односно мора да ги признае Македонците во Бугарија и самата да си го промени Уставот за да создаде услови за вистинско почитување на човековите права во контекст на признавање на малцинствата, според „европските вредности“, на кои се повикува бугарската министерка за надворешни работи. Без оглед што Бугарија е членка на ЕУ, таа е многу поназад од Македонија во почитувањето на човековите права и европските вредности, кога станува збор за правата на малцинствата. Промената на бугарскиот устав е неопходна задача што Бугарија треба да ја спроведе за да ги задоволи стандардите за почитување на човековите права, според меѓународното право и конвенциите на кои е потписник, наместо да уценува со уставни измени за продолжување на евроинтеграциите на Македонија – смета адвокатот Тони Менкиноски.