Фото: Игор Бансколиев

Македонија нема простор за какви било калкулации, бидејќи ѝ одговара само победа со која ќе ги задржи шансите за освојување на првото место во групата

ФУДБАЛ – УТРЕ ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ, ЛИГА Ц

Македонската фудбалска репрезентација ги заврши мини-подготовките во Скопје, пред утрешниот многу значаен натпревар во Лигата на нациите (ЛН) против Грузија во Тбилиси. Потоа ќе следува уште еден натпревар, последниот, против Бугарија во Скопје, в понеделник.
Македонија нема простор за какви било калкулации, бидејќи ѝ одговара само победа со која ќе ги задржи шансите за освојување на првото место во групата, што ќе значи пласман во лигата Б, како и место во плејофот за Европското првенство (ЕП) 2024 година во Германија.
Пред овие мечеви, селекторот на Македонија, Благоја Милевски, како ретко кога, има многу персонални проблеми. Повредени се неколкумина клучни играчи, повеќемина не се во најдобра форма, некои се изоставени поради подолга пауза, па работите максимално се искомплицираа. Милевски, сепак, се обидува да биде оптимист и да им влее верба на своите избраници дека може да се совлада Грузија. А нема поголема мотивација и инспирација од победата во плејофот, токму во Тбилиси, по која Македонија за првпат се најде на финален турнир на едно Европско првенство (ЕП), лани летото.
Бидејќи ќе треба да се атакува на победа, акцентот сигурно ќе биде ставен врз нападот од кого се очекува многу повеќе отколку на првиот меч во Скопје во јуни кога загубивме со 0-3. Еден од адутите на Милевски би требало да биде Бојан Миовски, напаѓачот на Абердин, кој сезонава даде пет гола на седумте меча за шкотскиот тим. Миовски смета дека и покрај тоа што во составот на Македонија недостигаат неколкумина стандардни играчи, оваа репрезентација има квалитет што ќе го потврди на тешкото гостување во Тбилиси.
– Нѐ очекува многу тежок натпревар против Грузија, која постојано се подобрува. Но и ние сме подготвени да одиграме најдобро што можеме. Имаме шанси за победа, но реално Грузија е во подобра позиција од нас бидејќи и со бод ќе го задржи првото место. Фудбалот се игра за голови и ние ќе треба да ја подобриме ефикасноста ако сакаме успех. Селекторот на подготовките постојано ни укажуваше на тоа, како и на слабите страни на противникот што би можеле и би требало да ги искористиме – вели Миовски.
На претходните шест натпревари на домашен терен, Грузија трипати победила, двапати загубила и еднаш ремизирала, со резултат 7-3. Македонија е повеќе од солидна на гостувањата, на шест меча забележа четири победи и по еден пораз и реми, со вкупна гол-разлика 13-3. Грузија моментно е на 82-то место на ранг-листа на ФИФА, а Македонија е на 64-то.

Л.Д.