Фото: Архива / Маја Јаневска-Илиева

Сè повеќе училишта се соочуваат со недостиг на професори, особено по математика и физика. Иако школската година е почната, за овој проблем училишта уште бараат решение. Наставници бараат и родители со повици на социјалните мрежи. Велат проблем има и во основните  и во средните стручни училишта, па потребен е кадар по одделенска настава, по математика, физика, хемија, германски …
„Нова Македонија“ веќе пишуваше дека низ годините се забележува пад во интересот за студирање на предметот математика иако е една од фундаменталните науки, што е дел од проблемот за недостиг на наставници.

Има недостиг на наставници, велат не постои невработен математичар, но една од најстарите науки не привлекува студенти

За да помогне да се најде професор, родител на својот профил на Фејсбук пишува дека во училиштето во кое учат неговите две деца, сè уште нема наставник по математика.

– И покрај сите напори на директорката и Советот на родители, никој не се пријавува на огласот. Со оглед на тоа што има недостиг на кадар, наставата би можел да ја одржува и студент по математика кој во моментов е четврта година – пишува тој.

Друг родител посочува дека училиште во Скопје итно бара наставник по физика.

– Никој не се пријавил на огласот, а децата губат од настава. Ве молиме споделувајте го постот за да им најдеме наставник на децата! – пишува тој.

Часови се губат, огласите се во тек, проблемите се решаваат

Андреј Манолев, директор на средното училиште „Никола Карев“ во Скопје вели дека успеале да се екипираат со сите наставници откако биле изгубени по неколку часови, кои ќе се надокнадат.

Фото: Приватна архива

– Ги добивме сите согласности за нови вработувања и веќе се избрани кандидатите. Ни фалеа наставници математика, странски јазик, социологија, спорт… Изгубија учениците два или три часа додека траеше огласот. Реакции од родителите немаше, им ја објаснивме состојбата, а изгубените часови ќе се надокнадат – вели Манолев.

Андреја Стојанов, директорот на основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ во скопска Кисела Вода во кое учат ученици во 29 паралелки, објаснува дека проблем со недостиг на наставници по одредени предмети се појавил со реформите, воведувањето на новата концепција, кога за одредени предмети се зголемил бројот на часови, а со тоа и потребата од повеќе наставници.

Фото: Приватна архива

– Сепак, најголем проблем настанува кога еден наставник заминува во пензија, па треба да го наследи нов. Минатата година се соочивме со тоа. Имавме мал проблем и на почетокот на годината. Учениците изгубија неколку часови, но проблемот се решава, се наоѓаат замени за колеги кои заминуваат во пензија или не се јавуваат на огласите. За потенцирање е дека за ангажирање на нов наставник има административна процедура чии рокови мора да почитуваме – додава тој.

Според Стојанов, недостиг на наставник по одреден предмет првично се решава на општинско ниво.

МОН: Се надеваме дека ќе обезбедиме еден оптимален број на наставници

Од Министерството за образование и наука (МОН) посочија дека долги години наназад земјата се соочува со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика… Велат дека постапките за ангажирање на наставници ги спроведуваат самите училишта и во јавните огласи кои ги објавуваат секогаш се наведуваат условите кои апликантите треба да ги исполнуваат.

– Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високо-образовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога – тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи. Се трудиме да ги стимулираме младите да ги избираат овие области и да се занимаваат професионално во рамки на истите. За тоа е потребно подигнување на личната мотивација, интерес и желба. Тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите останати предмети, во основното и средното образование. И затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади меѓу кои и за математика, физика, хемија. Неодамна е отворена и специјализирана Математичка гимназија каде се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области – објаснуваат од МОН.

Дополнително, информираат и дека МОН доделува стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високо образовна установа.

– Тоа се највисоките стипендии кои ги доделува МОН за студирање на домашните високо образовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво. Така што, се надеваме дека постепено состојбите ќе се вратат во рамки на нормалата и ќе обезбедиме еден оптимален број на наставници по овие предмети заради задоволување на потребите во сите општини и училишта – заклучуваат оттаму.