Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со проф. д-р Ирена Стојковска, раководител на Институтот за математика на Природно-математички факултет во Скопје разговаравме за падот на интересот за студирање математика, една од фундаменталните науки

За актуелната состојба разговаравме со проф. д-р Ирена Стојковска од Природно-математичкиот факултет

Вкупно 20 студенти годинава одбрале математиката да биде нивна идна професија, на сите студиски програми во првиот уписен рок на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. А официјалните податоци од факултетот потврдуваат дека бројот на запишани студенти не бил значително поголем ниту изминатите години.

Ваквата состојба го актуелизираше слабиот интерес за студирање на математиката како една од најстарите фундаментални науки. Од друга страна, сите велат дека не постои невработен математичар. Деновиве дури и на социјалните мрежи постојано се бараат наставници по математика за основните и средните училишта. Велат има недостиг на наставници по математика. Но, каде е парадоксот? Зошто младите студенти математичари не се заинтересирани за наставничката работа?

Фото: Приватна архива

Со проф. д-р Ирена Стојковска, раководител на Институтот за математика на Природно-математички факултет во Скопје разговаравме дека токму на темата дека низ годините е забележан пад во интересот за студирање на предметот математика како една од фундаменталните науки.

Во таа насока, таа посочува дека има разлика во бројот на запишани студенти оваа и претходната година, но оти таа е во рамки на стандардното отстапување од вообичаениот интерес за студирање математика во последните 20-тина години.

– Дали се запишале пет студенти повеќе или помалку од минатата година, не претставува значајна промена од која може да се донесе заклучок дека интересот е зголемен, односно намален. Значи, интересот за студирање математика е скоро непроменлив во последните 20-тина години – посочува професорката.

Веќе 20 години квотите за нови студенти не се исполнуваат ни до половина

Раководителката на Институтот по математика вели и дека често не се во можност да одговорат на барањата на компаниите од индустрискиот сектор, кои по препорака од своите европски партнери или по сопствено согледување, бараат да вработат математичари кои би ги ангажирале во процесот на анализа на сегашната состојба и изработка на стратегии за делување во насока на подобрување на работата на копанијата.

– Има случаи кога, заради неможност да понудиме кадар од математичари, се откажуваат отворањата на регионални центри во чиј склоп требало да постои оддел за истражување и развој составен во најголемиот дел од математичари, по препорака на надворешната компанија сопственик – објаснува таа.

Сепак, според неа, највпечатлив и најболен е моментално актуелниот недостатокот на математичари во училиштата.

– Иако, половината од студентите по математика студираат на наставната насока, сепак во училиштата недостасуваат наставници по математика. Училиштата се принудени да ангажираат студенти од завршните години на студии по математика, само за да може да ја реализираат планираната настава. Очигледно, интересот за студирање математика е недоволен и покрај бројните можности за успешни и плодни кариери. Имено, последниве 20-тина години, препишаните квоти за нови студенти не се исполнуваат ни до половина – заклучува Стојковска.

Додека студираат имаат и можност за работа во професијата

На прашањето која е причината за недоволниот интерес за студирање математиката и покрај реалната побарувачка на математичари, проф. Стојковска вели дека ако бил едноставен одговорот, досега ќе имало решение на овој проблем.

– Годишно, на Институтот за математика дипломираат околу 15 до 20 студенти, значи проодноста е на задоволително ниво. Просечното време на студирање е околу шест години за студии од четири години, што можеби делува застрашувачки, но и не е, ако се знае дека голем дел од студентите последните години од студиите ги поминуваат во работа и студирање истовремено, заради недостатокот од математичари во училиштата и потребите на компаниите – вели таа.

Посочува и на предностите за време на студирањето, како стипендија од шест илјади денари месечно во првата година на студии за студии за студирање на наставната насока и високи стипендии од 18 илјади денари месечно од втората година на студии на сите студиски програми на математика (стипендиите ги доделува Министерството за образование и наука).

Тежината на студиите причина за слаб интерес кај студентите

Според проф. Стојковска, без двоумење и со сигурност може да се каже дека секој дипломиран математичар на Институтот за математика со заслужена гордост го носи името – математичар.

– Можеби студирањето математика на студентите им одзело повеќе енергија и време, отколку завршувањето на некој друг факултет за да се вработат на истото работно место, но затоа придобивките од стекнатите навики, вештини и начини на расудување и донесување заклучоци се далеку поголеми и долгорочни, обезбедувајќи им сигурен напредок во нивните професионални кариери. Па, ако тежината на студиите е причината за недоволниот интерес за студирање математика, се надевам моево излагање би требало да им помогне на идните студенти кои ја сакаат математиката, да се одлучат да студираат на Институтот за математика. Ако тоа не е причината, тогаш одговорот треба да го бараме на друго место – заклучува таа.

Но, од друга страна, професорката посочува и дека нема математичар без работа.

– На секој математичар на дофат му се повеќе високо платени кариери – актуар, податочен аналитичар, програмер, консултант и слично. Но, успешната кариера не значи само високо платена кариера. Да знаеш да образуваш, да го споделуваш своето знаење и да учествуваш во градењето на иднината на својата држава е далеку поуспешна кариера од претходните, резервирана за едни од најголемите вљубеници во математиката – наставниците и професорите по математика – вели проф. Стојковска.