Ние не сме дојдени тука како туристи, дојдовме да уживаме во натпреварот и да победиме, кажа селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот решавачки меч за пласман на Светското првенство во Катар, против Португалија во Порто (20.45 часот).
– Залудно е да се трошат зборови за тимот на Португалија, имаат извонредни играчи, не би издвоил никој посебно, ќе треба да зборувам многу. Никој не очекуваше да играме финале за пласман на СП, ние сме тука, нема бегање од тоа, Македонија ужива во тоа, од мене играчите имаат една порака, да уживаат во моментот и натпреварот со Португалија. Сите се спремни, за стартни единаесет немаме проблем, се знаат кои се. Нѐ очекува различен меч од оној со Италија, не знам колку треба да бидеме подобри од мечот со Италија, Португалија е составена од извонредни играчи кои се меѓу најдобрите во европскиот фудбал. Ние си имаме свои квалитети, како тим, како целина, ќе видиме што ќе донесе победа, тимска игра, или тимска поставеност. Секој спорт кај нас има успех, но кога разговараме за фудбал, тоа е друга димензија, на глобално ниво, фудбалот е фудбал… Патот до тука е навистина тежок, се среќавате со сериозни репрезентации и традиции, Македонија е рамо до рамо со најдобрите, ова е само показател како понатаму. Статистиката е таква каква што е, но секој натпревар посебен. Да, важно е кој ќе постигне прв гол, но тоа не значи дека ќе заврши со тоа. Што се однесува до Роналдо, се работи за најдобриот играч на светот, но тој не игра сам, играат уште други десет, тие имаат извонредни играчи, и ќе треба да се сконцентрираме на Португалија како тим, а не на поединци. Португалија е фаворит, но Македонија не е случајно тука, што ќе донесе натпреварот ќе видиме – рече Благоја Милевски.
Капитенот Стефан Ристовски смета дека утрешниот натпревар е најважниот во историјата на македонскиот фудбал.
– Сигурно ова е најважниот натпревар во историјата на нашиот фудбал, можеби светот не веруваше дека ќе бидеме тука, оваа соблекувална има нешто што другите немаат, спремни сме за ова големо финале. Не ни сонував дека ќе играме со Португалија за пласман на СП. Но затоа фудбалот е убав, првата пречка ја поминавме, тука сме да играме против 50.000 Португалци на трибините, ќе играме да победиме. Се чувствувам убаво овде, како Португалец, синот ми е роден тука, во одличен однос со многу играчи оттука, со Бруно поготово. Тоа што го знам од менталитетот на Португалија, го пренесов на селекторот, но тука се заборава пријателство и се, не очекува натпревар кој може да донесе историски успех. Патот до тука беше тежок, ако победиме ќе запишеме најголем успех во историјата на македонскиот спорт. Пред седум-осум години, бевме некако изолирани, а сега сме тука за влез на СП во Катар, нема да застанеме тука, ова ќе биде голем поттик, и прав пат за понатаму – рече Стефан Ристовски.