Многу сум среќен поради оваа победа. Многу се радувам за Трајковски, за неговиот гол. Бевме подготвени за ваква игра, знаевме дека Италија е одлична репрезентација, но одигравме како што требаше. Пред натпреварот им реков на момците да се забавуваат и тие го направија токму тоа, изјави селекторот Благоја Милевски по победата над Италија, а пред мечот во вторник кај Португалија, од кој победникот ќе се пласира на СП 2022

ФУДБАЛ – МАКЕДОНИЈА ЈА ПОБЕДИ ИТАЛИЈА И Е НА ЕДЕН МЕЧ ДО ПЛАСМАН НА СП 2022

Ноќ за паметење во Палермо. Сензационална, голема победа на Македонија над Италија (1-0), актуелниот европски првак во фудбал, во полуфиналниот плејоф за пласман на Светското првенство (СП) во Катар годинава. Македонија одигра одлично, имаше план на игра што функционираше совршено, играше борбено и дисциплинирано, особено во одбраната, и сега е на еден меч, со Португалија во вторник (20.45 часот) во Порто, до пласман на СП.
Со „Давид против Голијат“ почнува освртот на интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за мечот Македонија – Италија. Европскиот првак Италија доминираше, имаше поголем посед на топката (65 отсто), но тоа не можеше да го претвори во зрели шанси и во гол. Нападот на „азурите“, кој упати 32 удари на голот, беше запрен од цврстата одбрана на Македонија, која е на 67-то место на ранг-листа на ФИФА (Италија е шеста). Неинвентивната игра на Италија, која вторпат во низа нема да игра на СП (во баражот за СП 2018 загуби од Шведска) ја казни Александар Трајковски во 92. минута, приредувајќи ѝ кошмарно сценарио на домашната екипа. Трајковски играше четири сезони за Палермо, во периодот од 2015 до 2019 година. Голот за Македонија против Италија, секако, е најважниот што го постигнал на стадионот „Ренцо Барбера“ и во кариерата. За Македонија, ова е едно од највредните постигнувања во фудбалската историја, по триумфот во плејофот со Грузија (1-0) и деби-настапот на Европското првенство (ЕП) лани.

– Ги победивме Италијанците на италијански начин, со гол од само два удара. Многу сум среќен поради оваа победа, горд сум на овие момци. Елиф Елмас ќе се врати за финалето и ќе ни биде од голема помош. Многу се радувам за Трајковски, за неговиот гол. Бевме подготвени за ваква игра, знаевме дека Италија е одлична репрезентација, но одигравме како што требаше. Пред натпреварот им реков на момците да се забавуваат и тие го направија токму тоа – рече Благоја Милевски, селекторот на Македонија.
До прв настап на едно СП стои уште една голема пречка, Португалија, европскиот првак од 2016 година, но Македонија со триумфот над Италија, како и со добрите игри во квалификациите, во кои ја совлада и Германија на гости, покажа дека не е баз шанси и во финалето на плејофот.
– Уште сум во шок, пресреќен сум од победата. Можеме ли да ја победиме Португалија? Да, ќе победиме. Ќе направиме сѐ за да победиме, ќе го сториме тоа – изјави Стефан Ристовски, капитенот на Македонија.


Четврта селекција што како европски првак не се пласира на СП

Италија е четвртата репрезентација што како актуелен европски фудбалски првак не се квалификува за следното Светско првенство, по Чехословачка (првак во 1978-та, не се пласира на СП 1978), Данска (ЕП 1992/СП1994) и Грција (ЕП 2004/СП2006).
– Европското првенство беше најдоброто нешто што го доживеав на професионално ниво, а она што се случи вечерва е најголемото разочарување. Тешко е да се коментира овој натпревар, со гол примен по 90 минута, без ништо друго. Ова е одлична група играчи, жал ми е бидејќи мислам дека не го заслуживме поразот. На човечки план можам да кажам дека овие момци вечерва повеќе ги сакам отколку по триумфот на ЕП лани во јули. Сега е рано да зборуваме за иднината, допрва треба да го свариме овој пораз – изјави селекторот на Италија, Роберто Манчини.


Данило: Победата на Македонија не е изненадување за нас

Португалија, следниот ривал на Македонија во квалификациите за фудбалското Светско првенство годинава, ја победи Турција со 3-1, потешко отколку што кажува резултатот. Португалија водеше со 2-0, но во второто полувреме Турција намали на 1-2 и во 85 минута не искористи пенал.
– Победата на Македонија не е изненадување за нас. Имаа одлична квалификациска кампања, тие се добро организирана и борбена екипа – изјави Данило, одбранбениот играч на Португалија.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022, ПЛЕЈОФ, ПОЛУФИНАЛЕ

Група А: Велс – Австрија 2-1, Шкотска – Украина (одложено).
Група Б: Шведска – Чешка 1-0. Финале: Полска – Шведска (вторник)
Група Ц: Италија – Македонија 0-1, Португалија – Турција 3-1. Финале: Португалија – Македонија (вторник)