Македонските фудбалски херои играа како шаховски велемајстори на црно-белите полиња, одиграа брилијантна партија, со маестрална завршница, како од шаховските учебници

ПОБЕДАТА НИЗ ПРИЗМА НА ДРУГ СПОРТ

Македонската фудбалска репрезентација во Палермо одигра брилијантна партија, со маестрална завршница, која слободно може да влезе и во шаховските учебници. На зелениот терен видовме еден прекрасен пример како Давид може да се справи со Голијат, нешто што ретко се гледа, но со добро осмислена и проанализирана тактика и тоа е можно. Едноставно, македонските фудбалски херои играа како шаховски велемајстори на црно-белите полиња, не дозволувајќи му на противникот да ја пробие нивната гранитна одбрана.
Препуштајќи му ја иницијативата на фаворитот на хартија, на средината на теренот, црвено-жолтите уште од самиот почеток на „партијата“ ги затворија сите приоди, успешно блокирајќи ја секоја иницијатива или продор, притоа однесувајќи се ладнокрвно и во најкритичните позиции, а чекајќи противникот прв да направи грешка.
И по рокадите во двете селекции, кои внесоа нова живост во играта, предноста на домашниот терен, шаховски речено „белите фигури“, не беше искористена. Замислената формација на македонскиот стратег токму кога нервозниот противник ќе тргне поотворено, се покажа одлучувачка, а идејата велемајсторска.
Во настанатиот заемен цајтнот (временски теснец), брзата, добро осмислена и ефектна комбинација во три потега на Македонија, која противникот не ја виде, се покажа како решавачка. Познатиот италијански голман беше матиран кога најмалку очекуваше. И во фудбалот, како и во шахот, кога ќе одолееш на сите напади, а ривалот уште пред почетокот на партијата се однесува победнички, следуваат противничките пет минути. Во Палермо, Македонија ги дочека.