Фото: Игор Бансколиев

По септемвриските мечеви во групата Ц води Англија со 13 бода, а Италија, Украина и Македонија имаат по седум. Во октомври Македонија треба да игра со Украина, а во ноември со Италија и со Англија

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација ја победи на гости Малта со 2-0, па во октомври и во ноември во директни дуели со Украина и со Италија на гости, како и со Англија дома, ќе решава за пласманот на Европското првенство (ЕП) в година во Германија. По септемвриските мечеви, од кои црвено-жолтите освоија четири бода (претходно реми 1-1 со Италија, во Скопје), во групата Ц води Англија со 13 бода од пет натпревари, а Италија, Украина и Македонија имаат по седум (Италија од четири средби). Последна во групата Ц е Малта, без бодови.
Првиот следен натпревар е со Украина на 14 октомври на неутрален терен, а истиот ден Италија игра дома со Малта. Три дена подоцна на програмата се дуелите Англија – Италија и Малта – Украина. На 17 ноември е средбата на Македонија со Италија во Рим, а тој ден треба да играат и Англија и Малта. Македонија ќе се сретне и со Англија, дома, на 20 ноември, кога е и натпреварот Украина – Италија.
На Европското првенство во Германија ќе настапат првопласираните две селекции од секоја од 10-те квалификациски групи. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови прво што решава е меѓусебниот дуел на тие селекции.
Македонија со головите на Елиф Елмас во петтата минута и на Јован Манев во 41-та минута ја забележа седмата победа од досегашните осум дуели со Малта (еден натпревар, пријателски, заврши нерешено, а вкупната гол-разлика сега е 19-3). Н.М.


Во октомври почнува продажбата на билети за ЕП 2024

Пријавувањето за купување билети за Европското првенство (ЕП) во 2024 година почнува на 3 октомври, преку официјалната платформа за билети на Европската фудбалска унија (УЕФА), објави УЕФА. Повеќе од 80 отсто од 2,7 милиони билети ќе бидат достапни за гледачите на репрезентациите учеснички на ЕП 2024 и за пошироката јавност.
Билетите ќе бидат достапни од 30 евра, а еден милион влезници за помалку од 60 евра, пишува УЕФА. Повеќе од 1,2 милион билети ќе бидат достапни во периодот на аплицирање од 3 до 26 октомври, а уште еден милион ќе бидат пуштени во продажба по извлекувањето на групите за ЕП 2024, на 2 декември годинава.
Влезници ќе бидат чувани за гледачите од селекциите што ќе се пласираат на Европското првенство преку плејофот, закажан за март 2024 година. Билетите ќе се доделуваат со фер и транспарентна лотарија, а секој апликант ќе ја има истата шанса за успех, без разлика кога ќе биде поднесена апликацијата помеѓу 3 и 26 октомври 2023 година, пишува УЕФА. Ќе може да се аплицира за најмногу четири билети по натпревар и ќе се доделуваат само влезници за еден меч дневно по апликант.
ЕП 2024 ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во 10 германски града, Берлин, Келн, Минхен, Франкфурт, Хамбург, Дортмунд, Лајпциг, Гелзенкирхен, Штутгарт и Диселдорф.


ГРУПА Ц

Малта – Македонија 0-2
Италија – Украина 2-1

ТАБЕЛА
Англија 5 4 1 0 16-2 13
Италија 4 2 1 1 6-4 7
Украина 5 2 1 2 6-7 7
Македонија 5 2 1 2 7-12 7
Малта 5 0 0 5 1-11 0

Идно коло (14.10): Украина – Македонија, Италија – Малта.