Црвено-жолтите, кои сега се на 65-то место, во однос на минатиот месец освоија 3,76 поени, по ремито со репрезентацијата на Англија, која, исто така, напредуваше за едно место и сега е трета во светот

ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА ЗА НОЕМВРИ

Македонската репрезентација напредуваше за едно место и сега е на 65-та позиција на ранг-листата за ноември на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Црвено-жолтите освоија 3,76 поени во однос на минатиот месец, по ремито 1-1 со репрезентацијата на Англија, во натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство, што во 2024 година треба да се игра во Германија.
Англија, пак, иако загуби 7,67 бода во однос на листата од минатиот месец, се искачи на третото место на рангирањето, на кое и понатаму води светскиот првак Аргентина, пред планетарниот вицешампион Франција. Од водечките пет репрезентации, нови бодови освои само репрезентацијата на Белгија (4,75), која сега е четврта, а загубија бодови и Аргентина, Франција и Бразил, кој сега е петти.
Репрезентацијата на Уругвај освои нови 22,27 бода и е една од селекциите со најголем напредок на ноемвриското рангирање, по добрите резултати во квалификациите за Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и во Канада. Во ноември се одиграа меѓународни натпревари низ целиот свет, а квалификациски мечеви за пласман на Светското првенство се играа во Африка, Азија и во Јужна Америка.
Меѓу првите десет репрезентации на листата на ФИФА за ноември се и селекциите на Холандија (напредуваше за едно место), Португалија (-1), Шпанија, Италија и на Хрватска. Уругвај сега е 11-ти, скокна четири места, а повисоки пласмани за неколку места забележаа и репрезентациите на Тунис (28-ми, +4), Еквадор (32-ти, +4), Романија (43-та, +5), Словачка (45-та, +5)…, пишува ФИФА.
Светската фудбалска федерација треба да го објави следното рангирање на 21 декември. Н.М.