Јас овде гледам основа за истрага за сторено дело по членовите 305, 307, 308, 318, 319 и 324 од Кривичниот законик, прокоментира кратко, но исклучително прецизно и јасно професорката Мирјана Најчевска

Наративот за „голема Албанија“ кај албанските политичари во земјава стана како „добро утро“

Откако стана сè поизвесно дека парламентарните избори и вториот круг на претседателските избори ќе се случат во мај, политичките партии го засилија интензитетот на кампањата, не избирајќи средства како повеќе да ги придобијат граѓаните.
Но она што почна да станува негативна практика, особено кај партиите од албанскиот политички блок, е постојаното играње на картата на големоалбанскиот национализам, па дури и радикализам, само да се дојде до што повеќе гласови.
Сепак, таквиот говор почнува да претставува сериозно играње со чувствата на граѓаните за кои Македонија е унитарна држава и кои не сакаат да слушаат за распарчување на својата татковина, па дури и да станува збор за предизборна реторика.
– Нема како да биде поинаку, освен како што беше пред 111 години во нашата сакана Валона, денес овде во Тетово нека се обединат Косово и Македонија, да го направат Косово втора албанска држава и по Косово, зошто да не, и Македонија – изјави првиот човек на движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, честитајќи го празникот 28 Ноември – Денот на знамето на Албанија.
Тетовскиот градоначалник во неколку наврати се служи со вакви провокации, говорејќи на настани во кои често се појавува знамето на „голема Албанија“.
Слични настапи имаше и од други македонски политичари од албанскиот политички блок, кои се убедени дека само со ширење на големоалбанскиот национализам преку нивните говори ќе придобијат што повеќе гласачи.
Нереагирањето на институциите доведе да се припишува ова само на некаква предизборна реторика, но веќе почнува да станува и правен преседан преку кој утре таа реторика ќе се официјализира како политички став што ќе треба да се реализира.
– Да се каже дека ваквите изјави се обична предизборна реторика и да нема институционална реакција, тоа значи дека дополнително се мотивираат сите да го шират истиот наратив. Тоа утре ќе нè доведе во ситуација овој наратив да стане легитимно барање кога гласачите на кои им било ветувано ќе побараат да биде исполнето. Не се работи за ниту малку наивна работа, туку смислено сценарио по кое се водат сите партии на Албанците во земјава бидејќи тие, колку и да имаат некакви политички разлики околу одредени прашања, сепак се единствени околу големодржавните идеи – велат дел од соговорниците со кои се консултиравме во врска со практиката ваквите изјави да се релативизираат со објаснување за „предизборна реторика“.
Има и такви што сметаат дека за вака искажаниот збор треба да се понесе и кривична одговорност, за да не се случи ова да станува практика во иднина.
– Јас овде гледам основа за истрага за сторено дело по членовите 305, 307, 308, 318, 319 и 324 од Кривичниот законик – прокоментира кратко, но исклучително прецизно и јасно професорката Мирјана Најчевска. С.Т.