Фото: Игор Бансколиев

Наградата „селекција со најголем напредок“ ја доби Канада

ФУДБАЛ – ЗАВРШНА РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА ЗА 2021 ГОДИНА

Македонската репрезентација е на 67-то место на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за декември. Четврта година по ред Белгија ја завршува календарската година на пол-позицијата, сега пред Бразил, со само 2,1 поена повеќе. Франција го комплетира подиумот за 2021 година.
Годинава наградата „селекција со најголем напредок“ ја доби Канада, со добивката од 130,32 поени за 12 месеци, пишува ФИФА на својата интернет-страница. Пласманот во полуфиналето на Голд-купот за 2021 година и импресивните резултати во квалификациите за пласман на Светското првенство беа главни фактори за нивниот подем.
Победниците на Европското првенство и на Копа Америка, Италија (шеста, 115,77 поени повеќе во споредба со декември 2020 година), односно Аргентина (петта, 108,51 поени плус во споредба со декември 2020 година), исто така, забележаа драстично зголемување на бројот на поени годинава. Истото тоа важи и за САД (11-ти, плус 103,51 поени) и за Англија (четврта, плус 85,52 поени).
Поради пандемијата на ковид-19, во 2020 година беа одиграни само 352 репрезентативни меча, најмалку во една календарска година од 1987 година (323 натпревари). Спротивно на тоа, фудбалот на планетата го надомести изгубеното време во 2021 година, со рекордно одиграни 1.116 натпревари.
Следната ранг-листа ФИФА треба да ја објави на 10 февруари в година.


ПЛАСМАН НА ПРВИТЕ 10

1. Белгија 1.828
2. Бразил 1.826
3. Франција 1.786
4. Англија 1.755
5. Аргентина 1.750
6. Италија 1.740
7. Шпанија 1.704
8. Португалија 1.660
9. Данска 1.654
10. Холандија 1.653
——————————————————-————
67. Македонија 1.367