Специјална антимакедонска војна

Македонија е константно изложена на организирани и координирани политички, психолошко-пропаганди, економски, разузнавачко-субверзивни, а често и криминални и воени акции, мерки и постапки. Како дел од специјалната војна против Македонија и македонството, деновиве, синхронизирано, од големоалбанските и врховистичките кругови се беседи и пишува за некаква македонска зависност од Белград, за „српска длабока држава“ на територијата на Македонија и за слични антимакедонски халуцинации. Тој фашизоиден политички дискурс, таа папагалска националистичка пропаганда, се чини, е основата за изградба на новото „идејно пријателство“ на големоалбанските и големобугарските експоненти. Пријателство за идна нова поделба на Македонија. Некаде кај Групчин!? Исто како четириесет и првата?! Затоа, тоа „пријателство“ и синхронизирано антимакедонско гракање на политичката сцена, не е само историографски неофашистички ревизионизам туку е и обнова на злото што во блиска иднина треба да ги уништи Македонија и Македонците.
Сè повеќе станува очигледно дека албанските иредентистички неофашисти и големобугарските националисти, фокусот на својата антимакедонска пропаганда го насочуваат кон измислената, или поправо кажано, зголемената загроза на Македонија од големосрбизмот. Иако, по сè што се случуваше во деведесеттите години на минатиот век и губењето на Косово, и на оние што имаат мозок колку едно зрно грашок, им е јасно дека Србија на Балканот е „поразената“ земја, дека таа е држава што не може да ги заштити ниту своите внатрешни граници, која е зависна од волјата на големите западни сили, која е демонизирана во светски рамки, која воопшто нема некаква геостратегиска, воена и политичка сила, сепак, Србија и големосрпството како некаква експанзионистичка доктрина, треба да бидат „страшилата“ за македонската јавност!? Математиката е јасна: зад предимензионираната српска закана, треба да се скријат реално постојните агресивни албански и бугарски големодржавни каузи кон Македонија и Македонците.

Инсистирањето, на јавната сцена во Македонија, денес, за некаква непосредна опасност од север, за некакво „робување“ од Македонците на некакви „српски политички перцепции“, е обична „чадна бомба“, за да се скрие дејствувањето на планот на реализација на Илирида, да се скрие демографскиот албански експанзионизам, да се скрие политичкото и институционалното антидржавно дејствување, да се скрие реалното остварување на санстефанскиот големодржавен проект, да се камуфлира бугарската врховистичка „петта колона“, да се скрие директната антимакедонска „игра“ на бугарската дипломатија низ бриселските кулоари. Да не сфатиме дека против нас се води специјална антимакедонска војна.
Во светло на овие јасно оцртани, долгогодишни, реални и актуелни антимакедонски политики, како празни флоскули звучат измислиците од албанскиот и бугарскиот ревизионизам за наводната непропорционалност на македонската општествена сцена помеѓу злосторствата извршени од албанските и бугарските националшовинисти, и истите такви од српските националшовинисти во време на последната светска војна. Човек треба да потроши многу време и енергија за да се занимава со лажните тврдења на големобугарските и големоалбанските интелектуални лакеи, за наводно присутен „диспаритет“ во македонскиот јавен дискурс и историографија при „поврзување на Бугарија и Албанија“ со фашизмот, а без „поврзување со фашизмот на Србија преку Недиќ и Љотиќ“. Којзнае, можеби и, на пример Винстон Черчил заземал „морализаторска поза на партизанско попување“ кон Албанците и Бугарите и имал „снисходливо премолчување“ кон Србите, па Велика Британија на Париската мировна конференција инсистирала Бугарија и Албанија да се третираат како фашистички земји поразени во Втората светска војна. Можеби и тој, и Рузвелт, и низа тогашни светски политичари и дипломати, на Јалта и на Париската мировна конференција, биле „партизански шпиони“ и „коминтерновски пиони“, па ја признале Народноослободителната војска на Југославија за сојузничка војска на антихитлеровската коалиција, а ги осудувале балистите и бугарските фашисти како соработници на Хитлер, Мусолини и преостанатата фашистичка булумента.

Сето ова значи дека со историските небулози на големобугарската и големоалбанската пропаганда, воопшто не треба да се дискутира, од едноставна причина што учеството на Бугарија и на Албанија, на балистите и на врховистите, во фашистичка коалиција е таков недвојбен историски факт, таков факт, кој е меѓународно верифициран и на мировните конференции, и во рамките на светската историографија, што каква било полемика, само може да ги засени таквите јасни позиции и оцени. Македонија и Македонците не смеат да се доведат во ситуација за своето сојузништво со антифашистичките сили во Втората светска војна и за својата улога на победник во таа војна, да му се правдаат и извинуваат кому било, а најмалку на идеолошките и идејните наследници на поразените албански и бугарски фашисти.
Всушност, прашањето за наводниот „диспаритет“ во „злосторствата“ е само уште еден обид за рехабилитација на албанскиот и бугарскиот фашизам од времето на Втората светска војна. И, секако, со актуелни политички импликации во современоста: морално воскреснување на албанскиот и бугарскиот национал-шовинизам, односно на големобугарскиот и големоалбанскиот државен експанзионизам кон Македонија и Македонците. Приказните за некаква актуелна „српска закана“, се само обид за дефокусирање од секојдневната, јасна и сè поопасна „специјална војна“, водена од тајните служби и големоалбанските и големобугарските експоненти. Во овој контекст, би било пожелно и македонските државни органи задолжени за грижа на безбедноста на граѓаните и суверенитетот и интегритетот на државата да почнат да работат на заканите од соседните земји и нивните шпиони и платеници внатре во земјата. Оти, заради тоа постојат и тоа им е работна должност.

И при крајот, збор-два за оние глупави и полуписмени македонски националисти, антикомунисти и ревизионисти, кои заслепени од убавиот блесокот на флоскулите за „УДБ-а, србо-комунисти, титоисти…“, заслепени од примамливата големоалбанска и големобугарска скандализација на македонската партизанска војска, не сакаат да ја видат ниту јасно присутната антимакедонска опасност во сегашноста, ниту трагичната иднина што им се подготвува, туку ја прифаќаат и, свесно или несвесно, ја шират големоалбанската и големобугарската пропагандна антикомунистичка и антимакедонска мантра. И, секојдневно, малку по малку, си го копаат сопствениот, национален и државен, гроб. А за неолибералните интелектуални слуги во Македонија, кои, исто така, секојдневно се борат со „македонскиот национализам“, а немаат збор на критика кон албанскиот иредентизам и бугарскиот националшовинистички антимакедонизам, секако, треба да се напише одделен критички долг текст.
Во нашиот македонски јавен дискурс и во македонската историографија не треба да се прави „помирување“ со злосторствата од антимакедонски карактер, ниту да се изедначат вистинските македонски борци со врховистичките слуги и балистичките џелати. Не смее да се дозволи „темното“, злосторничкото, фашистичкото, антимакедонското минато да биде заборавено или разубавено, па дури и да ни се претставува како минато што треба да се памети и велича. Тоа би било единствен и целосно апсурден случај жртвата да го чествува и слави својот џелат! Оти, ова е македонска држава! Сè уште. Не смее врховистите и балистите, кои им биле слуги на туѓи интереси во Македонија, да бидат „релативизирани“ и издигнати во „херои“, со премолчување на делови од нивните биографии, кои се отворено антимакедонски и фашистички. Не смее да се дозволи лажно етикетирање на македонската историска наука како „комуњарска“ или „просрпска“ историографија. Всушност, нам ни е потребно стручно и професионално обработување на историските сознанија од позиции на интересите на македонската држава. Преку тоа ќе се стигне до објективна историска вистина и до историја што ќе може да изврши просветна функција и зацврстување на темелите на македонската држава и националниот идентитет. Спротивставувањето на дејствата од специјалната војна против Македонија и македонизмот е дел од денешната борба за опстанок на македонската држава и долг на секој Македонец кон својата земја и народ. И, тој долг, добро е да го сфатат како свој македонските политичари.