ФУДБАЛ

Копа Америка, фудбалското првенство на Јужна Америка, в година ќе се игра во САД и ќе вклучува и шест репрезентации од Северна Америка, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) соопшти дека 10-те репрезентации ќе го играат турнирот надвор од нивниот регион по договорот со конфедерацијата за Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ).
Шесте гости за Копа Америка в година ќе си ги обезбедат местата според нивните настапи во следната Лига на нации на КОНКАКАФ, а Копа Америка ќе се игра во текот на летото на северната хемисфера, се вели во соопштението на КОНМЕБОЛ, пренесе АП.
Договорот опфаќа и вклучување четири женски репрезентации од КОНМЕБОЛ на турнир на КОНКАКАФ, како и создавање ново клупско натпреварување, пишува АП.
Копа Америка во САД се играше во 2016 година (победи репрезентацијата на Чиле), кога беше прославена 100-годишнината од одржувањето на првата Копа Америка.
САД, Мексико и Канада ќе бидат кодомаќини на Светското првенство за фудбалери во 2026 година. Аргентина ќе ги брани титулите и на Копа Америка (освоена во 2021 година) и на Светското првенство (трофејот го освои во 2022 година).