Активностите на македонската делегација во САД во пресрет на обраќањето на премиерот Мицкоски во ОН
- Американската турнеја на македонската владина делегација предводена од премиерот Мицкоски е конципирана како дипломатска офанзива на повеќе фронтови. Првиот фронт е политички, преку Конгресот и администрацијата, вториот е економски, преку ДФЦ и американскиот приватен сектор, третиот фронт е безбедносен, преку Северноатлантската алијанса (НАТО), и четвртиот фронт е преку настапот во Њујорк, Обединетите нации
Македонската владина мисија остава впечаток дека најсилниот наратив што го носи во Вашингтон е дека Македонија сака од позиција на корисник на меѓународна поддршка да се позиционира како активен сојузник, економски партнер и инфраструктурен фактор во Југоисточна Европа. Токму во таа рамка, забележливо е дека Владата подготвена ги претставува темите од областа на енергетиката, критичните минерали, дигиталната инфраструктура, одбраната и транспортните коридори како инструменти преку кои државата треба да ја зголеми својата стратешка тежина.
Паралелно, кај настапот на делегацијата се препознава дека политичката линија кон ЕУ останува отворена, односно Македонија, според позицијата што ја презентира премиерот, не се откажува од европската интеграција, но бара поголема предвидливост, европско посредување во чувствителните прашања и јасна разлика меѓу европските критериуми и билатералните спорови.
Затоа посетата на САД, заклучно со 21 септември, не може да се сведе само на серија протоколарни средби. Таа е обид на Владата да презентира перцепција што опфаќа поширока слика за Македонија како држава што сака да ја зајакне својата позиција преку сојузништвата, капиталот, инфраструктурата и геостратешката положба, додека паралелно ги застапува своите државни интереси во процесот на европска интеграција.
Конечната оцена за економскиот ефект на посетата, меѓутоа, ќе може да се даде дури откако најавениот интерес ќе биде преточен во формални договори, финансиски аранжмани и реални инвестиции. Исто така, нејзината политичка тежина ќе биде појасна по завршувањето на серијата средби во Њујорк и по обраќањето на Мицкоски пред Генералното собрание на ОН. П.Р.
Повторно во Вашингтон со конкретни предлози заради влез во нова фаза на македонско-американското стратешко партнерство
Капитални проекти за капитален исчекор
- Енергетиката, инфраструктурата, критичните минерали, дата-центрите и одбраната се новата содржина на стратешкиот дијалог со Вашингтон. По политичкото позиционирање и воспоставувањето директни канали со кругот на администрацијата на Трамп, Владата сега се обидува да го претвори американското партнерство во конкретни инвестиции и капитални проекти
Посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Американски Држави има препознатлива амбиција на една мала држава да го претвори своето стратешко партнерство со голема сила во конкретна економска, безбедносна и геополитичка вредност. Овој пат фокусот не е само на политичките пораки. Во Вашингтон на маса се ставени „Чебрен“ и „Галиште“, новиот гасоводен коридор, дата-центрите, високите технологии, критичните минерали, наменската индустрија и инфраструктурата. Паралелно, преку средбите во Конгресот и контактот со администрацијата, официјално Скопје ја потврдува политичката страна на партнерството во која Македонија сака да биде препознаена како стабилен и доверлив НАТО-сојузник, но и како земја што има јасна стратешка ориентација. Токму во тоа е и најважната разлика во однос на претходниот период.
Куса ретроспектива на македонскиот пресинг кон Вашингтон
Во последните две години, Владата на македонскиот премиер Мицкоски вложува видлив политички напор да изгради директен канал со потесните кругови околу американскиот претседател Доналд Трамп. Премиерот јавно потсетува дека уште во 2024 година, непосредно по НАТО-самитот во Вашингтон, претставници од тогашниот тим на Трамп престојувале во Македонија. Меѓу нив ги наведува актуелниот американски секретар за трговија Хауард Лутник, поранешниот конгресмен Девин Нунес и Крис Павловски, основачот на „Рамбл“ (Rumble). Подоцна македонска владина делегација присуствуваше и на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон. Во август годинава, Мицкоски јавно порача дека целта е стратешкиот дијалог со Вашингтон да се претвори во конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, технологијата, инфраструктурата, трговијата и инвестициите. Токму посетата во тековниов месец може да се чита како продолжение на таа линија. Ако претходниот период беше во значителна мера период на политичко позиционирање и воспоставување контакти, сегашната агенда е пошироко насочена кон операционализација на тие контакти преку проекти. Тоа не значи дека сите проекти веќе се договорени или финансирани, но се разбира дека се препознава дека македонската страна пристигнува во Вашингтон со конкретна проектна листа, со која сака политичкото партнерство да добие материјална содржина.
Конгресот како политичка поддршка, а ДФЦ како
економски инструмент
Еден од најважните аспекти на посетата е тоа што разговорите се одвиваат на повеќе американски институционални нивоа. Во Конгресот, премиерот Мицкоски се сретна со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа при Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавачка на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. Пораката од овие средби имаше јасни политички рамки во кои се содржеше „одржување и продлабочување на традиционално блиските односи, парламентарниот дијалог и американското разбирање за македонските интереси“.
Но уште позначајна од аспект на конкретните економски резултати е средбата со Керолајн Вик од Американската меѓународна финансиска развојна корпорација (ДФЦ). Тука разговорот веќе преминува од дипломатскиот јазик на стратешкото партнерство во јазикот на инвестициите. На маса се енергетиката, инфраструктурата, високите технологии и стратешките проекти, а особено се разгледуваат можностите за финансирање на „Чебрен“ и „Галиште“. За македонската страна, ова е особено важно бидејќи ДФЦ е американскиот механизам преку кој политичкото партнерство може да се претвори во финансиска поддршка и мобилизирање приватен капитал.
Токму тука се препознава и една од суштинските новини на актуелниот македонски владин пристап, а тоа е дека не се бара само политичка поддршка од Вашингтон туку се нуди конкретна проектна понуда.

„Чебрен“ и „Галиште“, од домашен капитален проект до американска инвестициска можност
„Чебрен“ и „Галиште“ се меѓу проектите со кои Владата сака да покаже дека Македонија има капитални енергетски можности способни да привлечат меѓународен капитал. Во разговорите со ДФЦ, овие проекти се поставени како можности за потенцијално американско учество. Премиерот потврди дека за нив е разговарано со Керолајн Вик и дека интересот постои. Секако, интересот не значи сѐ уште форматиран инвестиционен договор, но и самото отворање институционален канал со ДФЦ е важен чекор во процесот на барање финансиски партнер за проекти од големина што ја надминуваат редовната инвестициска рамка на домашната економија.
Гасоводот како економски и геостратешки проект
Втората голема енергетска тема е гасоводот. Македонскиот премиер Мицкоски го претставува новото поврзување како инфраструктура што може значително да ја зголеми способноста на Македонија да увезува гас и да отвори простор за развој на гасни централи, производство на електрична енергија и за нови индустриски потрошувачи. Особено е интересен начинот на кој Владата ја поврзува енергетиката со технологијата. Идејата е енергетската инфраструктура да создаде услови за нови дата-центри, а дата-центрите понатаму да бидат основа за развој на вештачка интелигенција и други високотехнолошки услуги.
За потсетување, во интервјуто за МИА, премиерот Мицкоски ја опиша токму оваа поврзаност како дел од пошироката развојна визија. Имено, во владината концепција се појавува еден синџир што би сочинувал верига од енергија-инфраструктура-дата-центри-високи технологии-инвестиции и нова додадена вредност. Рака на срце, тоа е амбициозна поставеност, но истовремено и област во која конечниот успех ќе зависи од реализацијата, финансирањето и способноста да се привлечат приватни инвеститори.
Ретките минерали – голема стратегиска можност
Особена тежина има проектот за антимон кај Крива Паланка. Критичните минерали во последните години добиваат сè поголемо значење во глобалната економија, технологијата и во безбедноста. Затоа Владата не го претставува антимонот само како рударски ресурс туку како дел од пошироката стратегиска приказна за критични минерали и западните синџири на снабдување. Американската ДФЦ обезбедува пет милиони долари грант за развојната фаза на проектот, што претставува конкретен пример дека американско-македонската соработка веќе има и финансиска компонента. Можеби грантот за развој и истражување не е исто што и целосно финансирање и отворање рудник, но она што е значајно е дека Македонија успева еден домашен ресурс да го постави во поширок разговор за критичните минерали, стратешката отпорност и економската безбедност.
На маса се и прашањата за дата-центрите
На македонско-американската агенда се најдоа и дата-центрите. Премиерот Мицкоски отвори разговори со повеќе американски компании за можни инвестиции, вклучително и со „Рамбл“ (Rumble), а Владата планира и развој на сопствена државна дата-центарска инфраструктура. Во оваа област Владата се обидува да испрати порака дека Македонија не сака да остане само евтина производствена локација туку да привлече инвестиции со висока додадена вредност. Доколку се реализираат, ваквите проекти би имале поширок ефект врз ИТ-секторот, електроенергетскиот систем, сајбер-безбедноста и дигиталната инфраструктура. Но повторно, патот од потенцијалот и реализацијата останува клучен за изодување.
Безбедносни прашања и НАТО
И безбедносните прашања беа на агендата на македонската владина делегација. Имено, во настапот пред Атлантскиот совет (Atlantic Council), премиерот Мицкоски ја претстави Македонија како НАТО-сојузник што сака да ја продлабочи соработката со САД во одбраната, стратешката инфраструктура и во сајбер-безбедноста. Истовремено, ја нагласи обврската на државата постепено да ги зголемува издвојувањата за одбраната. Овој дел од посетата има дополнителна тежина бидејќи Вашингтон во актуелната администрација на Трамп бара од европските сојузници поголем придонес кон сопствената одбрана.
За Македонија тоа отвора и можност и обврска. Имено, јасно е дека поголемите издвојувања за одбрана не се само буџетски трошок туку можат да бидат поврзани со модернизацијата, домашната одбранбена индустрија, инфраструктурата и технолошкиот трансфер. Во таа смисла, идејата Криволак да биде дел од пошироката понуда кон американскиот одбранбено-индустриски сектор добива дополнителна логика.
Настапот на премиерот Мицкоски во Атлантскиот совет имаше особено значење затоа што таму Владата ја презентира својата поширока стратешка визија. Тежишната теза на настапот беше дека „Македонија реално се наоѓа на пресекот на значајни транспортни и енергетски коридори на Балканот и оттука доаѓа и идејата земјата да се позиционира како регионална инфраструктурна, енергетска и технолошка точка“.
Во истата рамка се поставува и европската интеграција. Премиерот Мицкоски потврдува дека членството во ЕУ останува стратешка цел, но инсистира процесот да биде заснован врз реформи, исполнување на обврските и европски критериуми, а не врз постојано отворање нови билатерални прашања.
Со средбата со Рубио во Њујорк, политичката линија добива континуитет
Средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Њујорк е важна пред сè поради нивото на политичкиот контакт. Премиерот Мицкоски ја опиша како потврда на значењето на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со САД. Според неговата оцена, директната комуникација на високо ниво создава простор за размена на ставови и понатамошно продлабочување на билатералните односи. Деталната агенда на разговорот со Рубио не е јавно објавена, па засега освртот на оваа средба поврзана со темите и заклучоците од истата ќе почека, додека не се добие официјална потврда. Но политичкиот сигнал секако е дека каналот на комуникација меѓу Скопје и Вашингтон останува отворен и на највисоко ниво на американската надворешна политика. П.Р.
Што е суштината на новата македонска понуда?
Кога ќе се соберат сите средби, изјави и проекти, според нашите соговорници, дипломати, суштината на настапот на македонската експедиција е препознатлив, конкретен и конзистентен.
– Станува јасно дека Владата во Вашингтон не оди само со порака дека Македонија им е пријател на САД, туку оди со порака дека Македонија може да им биде корисен партнер на САД. Разликата е очигледна. Пријателството е политичка категорија. Партнерството бара конкретна содржина. А конкретната содржина што ја нуди македонската страна е енергетски проекти; нови гасни и електроенергетски капацитети; транспортна и стратешка инфраструктура; критични минерали; дата-центри и високи технологии; сајбер-безбедност; одбранбена индустрија; инвестиции со висока додадена вредност. Настапот е многу добро конципиран. Тоа е и најсилната страна на актуелниот пристап во кој политичкото партнерство се обидува да се преведе во економска и инфраструктурна агенда – анализираат нашите соговорници.
Направен е чекор понапред, но сега следува потешкиот дел
Оваа посета, според нашите соговорници, може да се опише како чекор понапред во однос на претходното позиционирање кон администрацијата на Трамп.
– Политичката порака од претходните контакти сега е придружена со конкретна листа на проекти и институционални канали преку кои тие треба да се реализираат. Од посетите, разговорите и политичките пораки сега треба да се стигне до договори, финансиски конструкции, тендерски постапки, инвеститори и градилишта. Токму тука ќе биде вистинскиот тест. Доколку некои од најавените енергетски, инфраструктурни и технолошки проекти навистина се претворат во инвестиции, тогаш актуелната политика кон Вашингтон би добила и мерлива економска димензија. И тоа е веројатно најважната порака што македонската страна ја носи од оваа посета. Таа не бара само политичка поддршка, туку сака Македонија да биде дел од американската економска, енергетска и безбедносна архитектура на Балканот – велат дипломатите, не криејќи дека се пријатно изненадени од македонската дипломатска офанзива. П.Р.
Интерес и сојузништво, но и достоинство и интегритет
Во јавните настапи од САД, премиерот Мицкоски постојано ја повторува формулацијата дека Македонија има „јасно дефинирани државни интереси“ и дека нив ги застапува „со достоинство“ заедно со стратешките партнери. Владата се обидува истовремено да покаже сојузништво без потчинетост, отвореност за инвестиции без откажување од сопствените интереси и евроатлантска ориентација без напуштање на македонската државна позиција.
– Македонија природно се обидува да ја зголеми својата преговарачка, економска и стратешка позиција. Ако првите контакти со круговите на Трамп беа политички сигнал, а стратешкиот договор и дијалог беа институционална рамка, тогаш сегашната посета е обид таа рамка да се наполни со конкретна содржина. Од стратегиска договорна рамка кон проекти, кон инвестиции. Тоа е насоката што ја поставува Владата. А дали ќе стане и нова развојна реалност за Македонија, ќе зависи од она што ќе следува по враќањето од Вашингтон, имено ќе зависи од способноста разговорите да се претворат во договори, проектите во инвестиции, а стратешкото партнерство со САД во долгорочна економска и безбедносна корист за државата – велат нашите соговорници, кои сепак гледаат колосална актуелна шанса на Македонија за подигање на билатералните односи на највисоко можно историско ниво меѓу САД и Македонија. П.Р.































