Напаѓачот на Манчестер сити, Холанд, е на пат да го собори рекордот на сите времиња во Премиер-лигата од 34 гола во сезона со 42 меча и од 32 гола во сезона со 38 натпревари и може да постигне 80 гола ако ја игра секоја минута од секој натпревар во текот на остатокот од сезоната, пишува „Скај спорт“. Во моментов тој има просек од 1,45 гол на 90 минути во Премиер-лигата, подобро од кој било друг играч во најдобрите пет европски лиги сезонава што играл повеќе од вкупно 377 минути

ФУДБАЛ

Ерлинг Холанд би ја завршил сезоната со 63 гола доколку Манчестер сити стигне до сите финалиња и тој ја задржи својата моментна стапка на голови и време во игра, а Норвежанецот можеше да постигне уште повеќе, откако се појави само во 68 отсто од достапните минути во сите натпреварувања од почетокот на Премиер-лигата и може да постигне 80 гола ако ја игра секоја минута од секој натпревар во остатокот од сезоната, пишува „Скај спорт“.
Холанд постигна хет-трик против Вулверхемптон пред неколку дена, зголемувајќи ја својата бројка на голови во Лигата на 25 во само 19 настапи, надминувајќи ги 23-те постигнати од минатата сезона од добитниците на „златната копачка“, Мохамед Салах и Хеунг-Мин Сон. Дополнително, четирите хет-трика на 22-годишниот играч во Премиер-лигата во тој период се нов рекорд во натпреварувањето, соборувајќи ги четирите „тројки“ на Руд ван Нистелрој постигнати во 65 натпревари.
Напаѓачот на Манчестер сити е на пат да го собори рекордот на сите времиња во Премиер-лигата од 34 гола во сезона со 42 меча, поставен од Енди Кол и од Алан Ширер, и од 32 гола во сезона со 38 натпревари, поставен од Салах, пишува „Скај спорт“.
Како Холанд ги постигнува своите голови и како можат противниците да го запрат? И покрај неговите рекорди, високиот центарфор одигра само 86 отсто од времето на игра во Премиер-лигата, 46 отсто во Лигата на шампионите, 40 отсто во Лига-купот и одигра еден меч во ФА-купот. Во моментов, Холанд има просек од 1,45 гол на 90 минути во Премиер-лигата, подобро од кој било друг играч во најдобрите пет европски лиги сезонава што играл повеќе од вкупно 377 минути.
Неколку напаѓачи од ривалите се во константна форма, особено Хари Кејн, но Холанд ги удвојува бројките на англискиот напаѓач. Некои критичари би можеле да тврдат дека секој етаблиран напаѓач би постигнал многу голови во тимот на Пеп Гвардиола, врз основа на огромното количество јасни шанси што тие ги создаваат. Сепак, Норвежанецот, исто така, значително го надмина својот коефициент за очекуван гол, постигнувајќи осум гола повеќе од 16,91, што се очекуваше од шансите што му беа овозможени, уште еден сооднос на врвот во Лигата, пишува „Скај спорт“. Дополнително, Холанд упати 40 шута кон противничкиот гол, што значи дека неговиот моментен број голови е еднаков на еден гол од секо 1,6 удар кон противничкиот гол, што ја нагласува одличната завршница досега.

Што се однесува до пласманот на шутот, Холанд има речиси совршен процент на реализација кога шутира ниско, на левата страна од голот, реализирајќи девет од неговите 11 удари кон противничкиот гол, и постигнува гол со околу половина од неговите обиди во центарот на голот и десно, пишува „Скај спорт“.
Холанд забележа три асистенции во Премиер-лигата во овој период, што е негов израмнет најнизок број откако се приклучи на Борусија Дортмунд во 2019 година. Кевин де Брујне (11), Бернардо Силва (пет) и Родри (четири) имаат повеќе асистенции за Сити сезонава. Сепак, тој во просек има многу помалку допири со топката, дриблинзи и додавања во последните третини на теренот од другите напаѓачи, компромис за неговиот висок процент на голови. Холанд забележа само осум допири во 74 минути против Бурнемаут во август и забележа помалку од 25 допири во повеќе од половина од неговите настапи во Премиер-лигата, во просек има 18 допири на топката по постигнат гол, што е еднакво на постигнување гол во пет проценти од неговите вкупни допири со топката.

Во однос на суровите напаѓачки бројки, Манчестер сити постигнува идентичен број голови по натпревар како и минатата сезона, но има помалку удари кон противничкиот гол и „очекувани голови“. Интересно е тоа што Манчестер сити, исто така, има помалку нафрлени и долги топки по натпревар сезонава, две статистики што многумина би можеле да очекуваат да се зголемат, за да се приспособат и да му служат на Холанд. Сити загуби бодови во шест од 20-те натпревари сезонава во Премиер-лигата, по три порази и нерешени, што, вообичаено, речиси сигурно би гарантирало пласман на врвот на табелата, но тимот на Гвардиола сега има пет бода помалку од Арсенал, кој има и еден меч помалку.
Додека Манчестер сити се трка за титулата, сегашниот процент на голови на Холанд го поставува на патеката да ја заврши сезоната сам со рекордни 48 првенствени гола, но постои сѐ поголема најава дека тој целосно ќе ги смени рекордерските листи, пишува „Скај спорт“.