Тимовите што играат во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига можат да регистрираат најмногу тројца нови играчи што ги исполнуваат условите по завршувањето на лигашкиот дел од сезоната и пред почетокот на нокаут-фазата, пишува УЕФА. Од сезоната 2018/2019 веќе не е важно дали тие играчи веќе играле за друг клуб во европските купови, па дури и за друг клуб што уште е во конкуренција во европските купови
ФУДБАЛ, Заврши преодниот рок
Зимскиот преоден рок заврши во понеделникот на полноќ со неколку измени и во тимови што ќе играат во завршницата сезонава во трите европски фудбалски купа. Тимовите што играат во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига можат да регистрираат најмногу тројца нови играчи што ги исполнуваат условите по завршувањето на лигашкиот дел од сезоната и пред почетокот на нокаут-фазата, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Од сезоната 2018/2019 веќе не е важно дали тие фудбалери веќе играле за друг клуб во европските купови во истата сезона, па дури и за друг клуб што уште е во конкуренција во европските купови. Клубовите имаат рок до утре да ги соопштат промените во составите за продолжување на сезоната, пишува Европската фудбалска унија.
Манчестер сити и Астон вила направија големи потези непосредно пред затворањето на зимскиот преоден рок, откако актуелниот првак на Премиер-лигата, Манчестер сити, обезбеди договор со фудбалерот од средниот ред на Порто, Нико Гонзалес, а трикратниот освојувач на Лигата на шампионите, Марко Асенсио, ѝ се приклучи на Астон вила на заем до крајот на сезоната, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Манчестер сити, на пример, ги договори и напаѓачот Омар Мармуш од Ајнтрахт и дефанзивците Абдукодир Кусанов од Ленс и Витор Реис, Кристијан Мекфарлејн, 18-годишниот лев бек, му се приклучи од Њујорк сити, капитенот Кајл Вокер замина во Милан, пишува АП.
Пред осминафиналето во Лигата на шампионите, Астон вила ги засили своите напаѓачки опции со Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед и со Асенсио од Пари сен Жермен, кој порано играше за Реал Мадрид. Од другите трансфери во последниот ден од зимскиот преоден рок, напаѓачот на Баерн, Матис Тел, ќе игра во Тотенхем како позајмен играч, со опција за постојан трансфер летово, претходно Пари сен Жермен потпиша со Хвича Кварацхелија од Наполи…, пишува „Асошиејтед прес“.
Од други учесници во фудбалската Лига на шампионите, на пример, според податоците на „Скај спорт“, англиските Ливерпул и Арсенал не ангажираа нови играчи, од двата клуба неколку фудбалери заминаа на заем… Астон вила ги ангажира и, на пример, Дониел Мален од Борусија Дортмунд, Андрес Гарсија од Леванте, Аксел Дисаси од Челси…, пишува „Скај спорт“.
Од потпишувањата во Премиер-лигата, кои беа направени во зимскиот преоден рок со плаќање, просечната возраст на ангажираните играчи е 20,5 години, пишува „Би-би-си“. Клубовите од Премиер-лигата вложија околу 370 милиони фунти во зимскиот преоден рок, значително повеќе од 100-те милиони уплатени минатата година во зимскиот преоден рок, па иако вложувањето е зголемено, многу е помало во однос на рекордот од 2023 година од 815 милиони фунти, пишува „Би-би-си“.
Лигата на шампионите продолжува идната недела со првите плејоф-натпревари за пласман во осминафиналето, а двојките се Брест – Пари сен Жермен, Клуб Бриж – Аталанта, Манчестер сити – Реал Мадрид, Јувентус – ПСВ Ајндховен, Феенорд – Милан, Селтик – Баерн, Спортинг – Борусија Дортмунд и Монако – Бенфика. Директно во осминафиналето се Ливерпул, Барселона, Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид, Баер, Лил и Астон вила. Н.М.