ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Хрватска и Холандија со победи на последните натпревари во Лигата на нации (ЛН), над Австрија (3-1), односно Белгија (1-0), си обезбедија место на фајнлфор-турнирот следната година, од 14 до 18 јуни, и во голем стил го завршија загревањето за Светското првенство (СП) во Катар. Холандија, која е во серија од 15 меча без пораз, по вторпат е во завршницата на ЛН, по 2019 година, кога во финалето загуби од Португалија. „Лалињата“ се единствената репрезентација без пораз во лигата А, со пет победи и едно реми.

Бранителот на титулата во ЛН и актуелен светски првак, Франција, загуби од Данска (0-2), но го избегна испаѓањето од лигата А поради поразот на Австријците. Франција и Данска повторно ќе се сретнат во Катар, во групата во која се уште Тунис и Австралија. Тоа беа последните натпревари за репрезентациите пред СП, кое треба да започне на 20 ноември.

За преостанатите две полуфинални места на фајналфор-турнирот во ЛН, покрај Хрватска и Холандија, решаваа натпреварите Унгарија – Италија (се играше синоќа) и Португалија – Шпанија, кој се игра вечерва. Л.Д.