ФУДБАЛ
Селекциите во денешното полуфинале на ЕП 2024 досега освоија по еден голем трофеј, Англија беше светски првак во 1966 година, а Холандија европски шампион во 1988 година. На европските првенства Англија има едно финале и две трети места, а Холандија, покрај трофејот, четири бронзени медали
Вторпат во пет години, Холандија и Англија, два европски фудбалски гиганта, се среќаваат во полуфинале на големо натпреварување, при што Холандија триумфира со 3-1 по продолженијата во дуел од Лигата на нациите во 2019 година, а вечерва (21 часот) во Дортмунд следува мечот за пласман во финалето на Европското првенство (ЕП) во Германија.
Англија стигна до оваа фаза на ЕП вторпат по ред, вкупно четврти пат е во полуфинале на континентално првенство, а за Холандија тоа е шести пласман меѓу четирите најдобри репрезентации на европските шампионати. По дуелите од четврт-финалето Холандија на ЕП 2024 оствари три победи, само Шпанија има повеќе, а Англија, како и Шпанија и Франција, по пет натпревари беше без пораз на ЕП во Германија.
– За целата нација, тоа е нешто посебно. Ние сме мала нација и сме во полуфинале со Англија, Франција и со Шпанија. Навистина сме горди – рече Роналд Куман, селекторот на Холандија, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).
Селекциите во денешното полуфинале имаат по еден голем трофеј во своите витрини, откако Англија беше светски првак во 1966 година, а Холандија европски шампион во 1988 година. На европските првенства Англија има едно финале (во 2021 година) и две трети места (1968 и 1996 година), а Холандија, покрај трофејот, освои и четири бронзени медали (во 1976, 1992, 2000 и во 2004 година).
– Нашиот тим беше под огромен притисок од самиот почеток и тој направи многу добро. Стигнавме до нашето трето полуфинале во четири обиди, но тоа не е местото каде што сакаме да бидеме – изјави селекторот на Англија, Герет Саутгејт, пренесе УЕФА. Н.М.