Во холот на Националната установа-Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, деновиве свечено беше откриено спомен-обележјето посветено на св. Климент Охридски, кој е траен симбол на писменоста, просветителството, духовноста и културното наследство.
Спомен-обележјето е дело на авторот Зоран Николовски, кој пред присутните говореше за сложениот и инспиративен процес на создавање ликовна претстава на историска личност за која не постои непосреден визуелен запис.
– Сите ние сме автопортрет на Бог, кој го создал човекот и светот- истакна Николовски, посочувајќи дека при создавањето на ликот на св. Климент Охридски авторот може да се повикува на мајсторски изработените фрески и другите историски записи, но дека тоа воопшто не ја олеснува уметничката задача.
Пред присутните се обрати и директорката на Библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која истакна дека проектот „Соба на Св. Климент Охридски“, реализиран во рамките на Годишната програма за 2026 година со поддршка од Министерството за култура и туризам и претставува само еден сегмент од пошироката визија за развој и отворање на Библиотеката кон јавноста.
– Нашата цел е Националната установа-Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Битола да биде препознатлива не само како место за читателите, студентите и истражувачите, туку и како значајна културна точка за сите посетители на Битола- рече директорката Стефановска-Давкова.
Во таа насока, Библиотеката интензивно работи на доопремување и доуредување на музејската поставка, соодветно застаклување и изложување на старите и ретки книги, периодичните изданија и предметите поврзани со историјата на Библиотеката, Битола и државата, како и на посебната „Соба за музикалии“ на вториот кат.
Ф.Д.



































