Хари Кејн

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Кејн е и водечки стрелец на сите лондонски дерби-натпревари во Премиер-лигата, со 44 гола, еден повеќе од легендата на Арсенал, Анри. Кејн досега постигна 190 гола во Премиер-лигата, 70 помалку од рекордерот Ширер

Арсенал го совлада локалниот фудбалски ривал Тотенхем (3-1) во дербито на северен Лондон и се зацврсти на челната позиција во Премиер-лигата, со 21 бод (седум победи и само еден пораз на осум меча). Тотенхем го претрпе првиот пораз сезонава, но неговиот најдобар напаѓач Хари Кејн си обезбеди место во аналите на Премиер-лигата, со тоа што стана првиот играч што постигнал 100 гола на гостувањата (втор е Вејн Руни со 94).

На 18-те првенствени дуели против Арсенал, Кејн има 14 гола и сега е водечки стрелец на сите лондонски дерби-натпревари во Премиер-лигата, со 44 гола, еден повеќе од легендата на Арсенал, Тиери Анри. Моментно Кејн постигнал 190 гола во Премиер-лигата, 70 помалку од импресивниот рекорд што го држи Алан Ширер.
Арсенал победи на претходните три натпревари во Премиер-лигата на домашен терен против Тотенхем, првпат од септември 2013 година. Тотенхем, пак, е во серија од 12 меча без победа на гости кај Арсенал во Премиер-лигата (осум порази и четири ремија), што е негова најдолга серија во ова натпреварување. Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, пак, стана третиот менаџер во клупската историја што победил на првите три домашни натпревари против Тотенхем, по Џорџ Морел (1909-1911) и Тери Нил (1977-1979). Л.Д.


Хет-трик на Тросар на „Енфилд“

Белгиецот Леандро Тросар постигна хет-трик за Брајтон на мечот на гости против Ливерпул (3-3) во англиската фудбалска Премиер-лига, на стадионот „Енфилд“, и на најдобар начин го обележи дебито на новиот менаџер, Италијанецот Роберто де Зерби. Тросар стана првиот гостински играч што постигнал два гола во првото полувреме на „Енфилд“ во Премиер-лигата, по октомври 2008 година, кога тоа му успеа на играчот на Виган, Амр Заки. Ливерпул одигра уште еден лош меч сезонава, примајќи прв гол на пет од седумте натпревари сезонава во Премиер-лигата и е на деветтото место, со 10 бода, 11 помалку од лидерот Арсенал. Л.Д.