Вкупно шест јужноамерикански клубови ќе го претставуваат континентот на СП во САД в година, а би можеле да бидат вклучени четири бразилски екипи, пишува ФИФА. Досега се пласираа Фламенго, Флуминенсе, Палмеирас и Ривер плата
ФУДБАЛ
Трката за освојување на преостанатите места за јужноамериканските тимови на клупското Светско првенство (СП) во 2025 година останува неизвесна во пресрет на нокаут-фазата на Копа либертадорес, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Четири од шесте места за тимовите од Јужна Америка веќе се пополнети од трите претходни континентални шампиони, Палмеирас, Фламенго и Флуминенсе, а аргентинскиот великан Ривер плата сигурно ќе се приклучи на бразилското трио на СП 2025 во САД преку ранг-листата за Јужна Америка.
Ривер плата, исто така, би можела да замине на планетарното првенство во САД како клупски шампион на Јужна Америка, а тоа би имало позитивна последица за нивните домашни ривали, Бока јуниорс, кои во моментов се следниот најдобропласиран тим на ранг-листата, но која не игра сезонава во Копа либертадорес и се потпира на резултатите на другите клубови за да обезбеди место за најинклузивното глобално клупско натпреварување во историјата, пишува ФИФА.
Меѓутоа, ако некој друг од аргентинските тимови, останати во игра на годинашното континентално првенство, Талерес или Сан Лоренцо, биде шампион на Јужна Америка годинава, Бока јуниорс нема да игра на СП 2025, поради правилото што ја ограничува секоја земја на два учесници, освен ако некој клуб се квалификува како шампион, пишува ФИФА. Правилото за два клуба од една земја нема да важи за Бразил, кој веќе е извесно дека ќе има тројца претставници, а може да има дури и четврти, ако некој од Гремио, Сао Паоло, Атлетико Минеиро или Ботафого го освои трофејот на Копа либертадорес по финалето во Буенос Аирес (Аргентина). Тоа што три бразилски клуба веќе се квалификувале значи дека ниту еден друг клуб од таа земја не може да се пласира на СП 2025 преку патеката од ранг-листата.
Ждрепката, исто така, ја зголеми можноста за две дополнителни места, наместо едно, преку патеката за рангирање, бидејќи четирите екипи што веќе се квалификувани се во различни четвртини од осминафиналето. Тоа значи дека сите тие би можеле да стигнат до полуфиналето, а откако нивните места на Светското клупско првенство в година веќе се обезбедени, тоа ќе гарантира дека уште две екипи ќе се пласираат преку патеката за рангирање, без разлика кој клуб ќе биде шампион, пишува ФИФА. Тоа ќе му ги зголеми шансите на уругвајскиот Национал, сега најдобропласираниот тим на ранг-листата што е во осминафиналето на Копа либертадорес, но допрва треба да се пласира на СП 2025 на кое ќе играат вкупно 32 клуба. Н.М.
ОСМИНАФИНАЛЕ
Сан Лоренцо (Аргентина) – Атлетико Минеиро (Бразил)
Национал (Уругвај) – Сао Паоло (Бразил)
Фламенго (Бразил) – Боливар (Боливија)
Коло-Коло (Чиле) – Јуниор (Колумбија)
Талерес (Аргентина) – Ривер Плата (Аргентина)
Пењарол (Уругвај) – Стронгест (Боливија)
Ботафого (Бразил) – Палмеирас (Бразил)
Гремио (Бразил) – Флуминенсе (Бразил)
мечевите се од 14 до 23 август