Фото: ЕПА

Отсекогаш сонував да играм во Лигата на шампионите. Се наежив кога излегов за моето деби, но само се обидов да уживам во тоа и да играм силно. Спортинг е голем клуб и заслужуваме да играме во Лигата на шампионите

ФУДБАЛ

Виктор Ѓокереш, центарфорот на португалскиот Спортинг, е во центарот на вниманието на фудбалска јавност, откако постигна три гола во победата на тимот од Лисабон на дуелот со Манчестер сити дома, во четвртото коло на Лигата на шампионите (ЛШ), а тоа му донесе третпат сезонава да биде прогласен за најдобар фудбалер на еден меч во ЛШ и првпат да биде избран за најдобар фудбалер на колото и да влезе во тимот на колото, во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Отсекогаш сонував да играм во Лигата на шампионите. Гледав толку многу натпревари на телевизија и размислував колку сакам да играм на такви мечеви. Се наежив кога излегов за моето деби, но само се обидов да уживам во тоа и да играм силно. Спортинг е голем клуб и заслужуваме да игра во Лигата на шампионите. Досега игравме навистина добро, што покажува дека можеме да се натпреваруваме против најголемите тимови во Европа – рече тој, пренесе УЕФА.
Репрезентативецот на Шведска со пет гола е водечки стрелец на Лигата на шампионите, заедно со Бразилецот Рафиња, Полјакот Роберт Левандовски, и двајцата од Барселона, и со Англичанецот Хари Кејн од Баерн. Ѓокереш е прв стрелец и во првенството на Португалија сезонава, со 16 гола, а беше најдобар и во минатата сезона, со 29 погодоци (на 33 натпревари). Тој по четири кола води и на листата на стрелците во Лигата на нациите (во лигата Ц), со четири погодока за репрезентацијата на Шведска, колку што има и Разван Марин од селекцијата на Романија.
Во претходните три кола во ЛШ, УЕФА за најдобри фудбалери на колото ги прогласи Флориан Вирц од Баер во првото, Карим Адејеми од Борусија Дортмунд во второто и Винисиус Жуниор од Реал Мадрид во третото коло. Само Ѓокереш и Вирц по трипати беа прогласени и за фудбалери на натпревар во ЛШ сезонава. Н.М.