Опишувајќи го фудбалот за жени како „стартап-бизнис“, Карни рече дека сите вклучени „имаат одговорност да инвестираат во играта и да ја кренат на следното ниво“

Поранешната фудбалерка од средниот ред на Англија, Карен Карни, вели дека англискиот женски фудбал би можел да стане „индустрија од милијарда фунти“ за 10 години,“, пренесе „Би-би-си“. Таа претседава со големата независна ревизија на спортот, а нејзиниот извештај на 126 страници препорачува првите две нивоа во женскиот фудбал во Англија да бидат целосно професионални. Таа исто така повикува на редовни преноси на фудбал за жени на телевизија.
– Тоа е она што треба да се направи за да се придвижи спортот напред. Полно работно време е полно работно време. Реално, најголемото прашање по кое треба да тргнеме е професионализација на женската игра и кревање на стандардите, бидејќи тоа е голем проблем – рече Карни.
Опишувајќи го фудбалот за жени како „стартап-бизнис“, Карни рече дека сите вклучени, од спонзорите, радиодифузерите и Фудбалската асоцијација, „имаат одговорност да инвестираат во играта и да ја кренат на следното ниво“.
– Ако почнувате нешто, мора да имате прилив на пари и навистина верувам дека за 10 години овој спорт може да биде индустрија од милијарда фунти. Но овие стандарди и инвестиции се темелите што нѐ водат до оваа точка. Навистина мислам дека ќе ги вратиме парите – вели таа.
Независно клупско тело, управувано од клубови, е подготвено да ги преземе женската Суперлига и женското првенство следната година, а фудбалот се обидува да го искористи својот брз подем, забрзан со успехот на Англија на Европското првенство (ЕП) во 2022 година.
Неодамнешниот извештај на „Делоит“ покажа дека приходите на клубовите од женската Суперлига се зголемиле за 60 отсто во сезоната 2021/2022, покажувајќи знаци на раст дури и пред историската победа на Англија на ЕП 2022. Комбинираниот приход за клубовите беше 32 милиони фунти, што е зголемување од 12 милиони фунти во однос на претходната сезона, делумно благодарение на новиот договор за преноси, но, сепак, клубовите уште забележаа вкупна загуба пред оданочување од 14 милиони фунти.
Наодите на Карни се фокусираа на неколку области, вклучувајќи ги растот на публиката, финансиската кондиција на фудбалот, нејзината долгорочна финансиска одржливост и нејзините постојни структури. Н.М.