Од творештвото на писателката Бистрица Миркуловска

Едно пролетно утро од дванаесет кожурци излетале дванаесет пеперутки. Си биле мошне слични: исти белузлави крилца, исти слаби ножиња, исти извиени пипки.
„Гледајте, утринава се родени“ – извикале цвеќињата. „Да ги почестиме медена роса!“
Зашеметени од многу пролетни убавини, пеперутките итале од цвет на цвет. Сакале во еден ден да ја прелетаат целата ливада. Но, денот згаснал и тие се засолниле во грмушка јасмин.
Другото утро најмалата пеперутка се разбудила многу рано. Жедна била. Денот штотуку забелувал кога летнала да побара капка вода. Ја нашла врз лист од капина. И додека пиела, нешто болснало. Сонцето излегло и низ росната ливада светнало виножитото. Пеперутката замижала од таа чудесна светлина. И тогаш – врз крилцата ѝ легнале седумте волшебни бои: црвената, портокаловата, жолтата, зелената, сината, темносината и виолетовата. Се вратила во грмушката и повторно заспала.
Кога сонцето се искачило над ливадата, пеперутките се разбудиле.
„Кој ти ги подарил овие убави крилца?“ – ја запрашале малата сестричка.
„Какви крилца?“ – се чудела пеперутката уште сонлива.
Таа не знаела што се случило со неа, па затоа сите летнале до блискиот вир да се огледаат во него.

„Гледајте, Ѕуница лета над вирот“ – зашумолиле врбите.
„Малата белузлава пеперутка се претворила во ѕуница“ – се чуделе цвеќињата.
На Ѕуницата ѝ било необично дека е поинаква од сестричките, па сите ја загледуваат. Штурчињата дури и песна испеале за неа:
„Пеперутка Ѕуница,
најмила, најубава,
крилца шири в игра лет,
украс е за секој цвет“!
Од таа песна ѝ станало толку милно, што спокојно заспала врз една бела рада…
Се разбудила во миг, чувствувајќи силна стега. Слушнала забрзани извици и чудна врева:
„Ваква пеперутка уште немам видено!“
„Внимавај да не ѝ ги повредиш крилцата“.
Се исплашила кутрата Ѕуница и, додека собирала здив да ги повика сестричките, телото ѝ го пронижала некаква студена болка.
„Што се случи со мене?“ – тагоболно крикнала Ѕуница и две дробни солзи се стркалале од оџагорените очиња.
„Пеперутката плаче“ – слушнала жални зборови.
„Будалче! Не може да плаче! Таа нема душа! Капка роса останала врз неа…“
„Толку ли е животот?“ – воздивнала Ѕуница, крилцата сѐ уште ѝ трепереле, потоа се опуштиле, свенале – и тој час ги снемало оние чудесни бои од виножитото.
Децата занемени гледале во белузлавата пеперутка, пронижана со остра игла.

(Од книгата „Илина“)
Илустрација: Томе Манески