Мојата работа беше да ги испратам навивачите дома среќни. Историјата на Јунајтед и моите очекувања беа работите што ме водеа, рече Фергусон. Би сакал да бидам познат како некој што го сака Арсенал, кој ги почитувал вредностите на клубот и го оставил на позиција каде што може да расте и да стане уште поголем, вели Венгер

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА, ПРЕМИЕР-ЛИГА

Поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон, и поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер, се примени во Куќата на славните во англиската фудбалска Премиер-лигата, објави „Би-би-си“.
Фергусон (81) е најуспешниот менаџер во историјата на Премиер-лигата, со рекордни 13 титули. Венгер освои три титули во лигата за време на 22-годишниот период на чело на Арсенал. Французинот ги предводеше „Непобедливите“ на Арсенал до сезоната со освоена титула без пораз во 2003/2004. Фергусон и Венгер се првите двајца менаџери што се примени во Куќата на славните, која е отворена во 2021 година, со приемот на Дејвид Бекам, Денис Бергкамп, Ерик Кантона, Тиери Анри, Рој Кин, Френк Лампард, Стивен Џерард и на Алан Ширер. Лани беа додадени Серхио Агуеро, Дидие Дрогба, Винсент Компани, Вејн Руни, Петер Шмајхел, Пол Сколс, Патрик Виера и Јан Рајт.
Фергусон, кој го водеше Манчестер јунајтед од 1986 до 2013 година, освои три првенствени титули по ред во два одвоени наврати.
– Чест е кога добиваш вакво признание. Сепак, не станува збор само за мене како личност. Станува збор за работата во Манчестер јунајтед и за врската што ја имавме долги години, така што јас сум горд и за клубот, персоналот и за моите играчи. Мојата работа беше да ги испратам навивачите дома среќни. Историјата на Јунајтед и моите очекувања беа работите што ме водеа – рече Фергусон.
Венгер (73) пристигна како еден од првите странски менаџери во Премиер-лигата во 1996 година и ја освои лигата во неговата прва целосна сезона во Арсенал.
– Би сакал да бидам познат како некој што го сака Арсенал, кој ги почитувал вредностите на клубот и го оставил на позиција каде што може да расте и да стане уште поголем. Да го споделам ова со сер Алекс е голема чест за мене. Тоа е како двајца боксери, се борите како луди и заедно одите напред. На крајот на краиштата, имате почит и ќе биде одлична можност да се сретнете со него, да споделите добро шише вино и спомени од старите битки – рече Венгер. Н.М.