Игри на среќа се арам, но… (2)

Правилото „500 метри растојание“ може да стане „500 евра растојание“, како што направи лапсус еден познат функционер? Дали се отвора простор за корупциско влијание во одредување на „најкраткиот безбеден пат“?

Игрите на среќа се арам е мој личен став и општествен став, но други луѓе го прават тоа и игрите на среќа, дозволени или забранети, постојат. Затоа за баланс на реалноста и општествената штетност на игрите на среќа повеќето земји имаат рестриктивни правила за игрите на среќа. Многу земји имаат рестриктивни правила каде смее да се организираат игри на среќа и речиси секаде, бидејќи парите од игри на среќа се арам, еден дел од приходите е наменет за општествено значајни дејности. Зошто тогаш во насловот има запирка и „но…“? Во Собранието е доставен предлог-закон за измени во Законот за игри на среќа, со кој се внесуваат повеќе измени, од кои во јавноста најчесто е спомнувано правилото „500 метри од училиште“ за оддалеченост на местата за игри на среќа, но и други измени како проверка на репутацијата на сопствениците и зголемување на цената на лиценците. „Но“ е поради три причини: (не)предвидливост на бизнисот, идеолошка и поради регулаторна корупција.
За првите две пишував во претходниот коментар. Накратко. Првата не е најзначајна, но мора да се спомене. Игрите на среќа се бизнис и како за секој бизнис има правила, и бизнисот сака предвидливост во правилата, веројатно најважна работа во секој бизнис. Македонија е позната по својата бизнис-непредвидливост, со чести и ненадејни промени во даноците или правилата, и сега игрите на среќа се уште една деловна дејност каде што се внесува непредвидливост. Тука се и штетите по вложувањата и вработувањата. Втората причина е идеолошка. Како центар десно определен, ми предизвикува чудење како вакви ограничувања воведува левичарска власт, бидејќи силните рестрикции на игрите на среќа вообичаено постојат со конзервативни власти и општества. Власта на ДУИ и СДСМ, всушност, тврди дека општествената штетност на игрите на среќа може да се направи само со ограничувања. Нема тука социјална превенција, едукација, туку забрани и ограничувања. Пристап на десница. Да се потсетиме дека владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе просторни временски ограничувања за продажба на алкохол, кои владата на ДУИ и СДСМ ги укина.

Третата веројатно најважна причина за „но“ е сомнежот за регулаторна корупција. Регулаторна корупција или кога со регулации, правила, закони се нарушува еднаквиот терен за конкуренција на бизнисите, со што едни бизниси се фаворизираат на сметка на други бизниси. Бидејќи законите се носат во Собранието, не постои законска или кривична одговорност за ваквата корупција. Во минатото сме имале повеќе такви случаи, да ги споменам само „Окта“, „Телеком“, ЕВН и сега автопатиштата. Ниту за еден случај, вклучувајќи ги и тие како „Телеком“, за кој постои пресуда во странски суд, во Македонија нема никаква одговорност.
Кои се аргументите што укажуваат на регулаторна корупција, а да не потекнуваат од политичката чаршија дека ДУИ создава простор за нов оператор на игри за среќа? Првиот аргумент е начинот на донесување на законот. На законот има ЕУ-знаме, иако на собраниската страница пишува дека законот се носи во редовна процедура. ЕУ-знаме значи скратување на можноста за дискусија. Притоа во ЕУ нема регулатива со кои нашиот закон треба да се усогласува. Зошто тогаш брзање и нетранспарентност? Вториот аргумент е јасното ставање во нееднаква позиција на едни игри на среќа (обложување, бинго) наспроти други игри на среќа (лото, среќки). Првите се организирани од приватни оператори, вторите од државна лотарија. Не се ограничуваат игрите на среќа организирани од државна лотарија, со што се зголемува можноста за нивна зголемена продажба. Третиот аргумент е ставање во нееднаква позиција на игрите на среќа во објекти и на интернет. Додека за објектите се бара „500 метри растојание“, за интернет-операторите постои нејасно засилување на контролата на пристап на лица под 18 години. Младите над 18 години секако можат со еден клик да се обложат. Јасно е кого фаворизира ваквото правило.
Четвртиот аргумент е формулацијата на „500 метри растојание“. Во членот 10, по ставот 2, каде што се пропишува растојанието од 500 метри се вели: „Оддалеченоста од ставот (2) на овој член претставува најкраткиот безбеден пат од основните или средните училишта до влезот на просторијата во која се приредуваат игрите на среќа, која се утврдува со геодетски елаборат за посебни намени изготвен од страна на трговец поединец, овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи.“ Тука станува јасно дека 500 метри не е воздушно растојание, туку „најкраткиот безбеден пат“ и тоа го утврдува геодет. Ете, јас мислев дека геодет е професија за мерење земјени површини, ама сега, со законот, се промовираат во стручњаци за сообраќајна безбедност, што пак мислев е професија на сообраќајни инженери. Ме интересира што ќе кажат за ова коморите и сојузите на сообраќајни инженери. Дали со ваквата регулација се фаворизираат оператори што своите објекти ги лоцирале на 500 метри? Можеби е поважно дали со ваквата одредба правилото „500 метри растојание“ може да стане „500 евра растојание“, како што направи лапсус еден познат функционер? Дали се отвора простор за корупциско влијание во одредување на „најкраткиот безбеден пат“?
Се чини има доволно аргументи против законот. Закон што има и позитивни елементи, како уредување кој може да биде сопственик на оператор на игри на среќа или пак уредување на лиценците и зголемување на нивната цена. Вториве, со зголемување на цената, може индиректно да влијаат на намалување на бројот на објекти, и тоа важи за сите.

Авторот е аналитичар.
Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични