ФУДБАЛ – ПО НАЈАВИТЕ ЗА ИГРАЊЕ НА СУПЕРКУПОТ НАДВОР ОД ЕВРОПА
Не разговаравме за Америка конкретно, не се согласивме за ништо во суштина. Но зошто да не ги разгледаме сите можности што ги имаме за да ги подобриме нашите клубови и нашите натпреварувања, вели Насер ал Хелаифи, претседател на ПСЖ и на Европската клупска асоцијација и член на Извршниот комитет на УЕФА, пренесе „Индепендент“
Челниците на врвните европски фудбалски клубови признаа дека „истражуваат различни идеи“ во врска со дискусиите зад сцената околу тоа Суперкупот на УЕФА со учество на четири тима да се игра во САД, на отворањето на сезоната, почнувајќи од 2024 година. Тимовите учеснички на тој мини-турнир би биле победниците на трите клупски натпреварувања на УЕФА, во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и во Лигата на конференциите (ЛК) и шампионот на американската МЛС-лига, пишува британскиот весник „Индепендент“.
– Не разговаравме за Америка конкретно, не се согласивме за ништо во суштина. Она што се обидуваме да го направиме е да помогнеме да напредуваме и да ги развиваме нашите натпреварувања. Имаме право да размислуваме за тоа, да истражуваме различни идеи и да погледнеме што има смисла или не, но засега не можам ништо да потврдам. Но зошто да не ги разгледаме сите можности што ги имаме за да ги подобриме нашите клубови и нашите натпреварувања – изјави Насер ал Хелаифи, претседателот на Пари сен Жермен, претседател на Европската клупска асоцијација (ЕКА) и член на Извршниот комитет (ИК) на УЕФА, пренесе „Индепендент“.
УЕФА и ЕКА ги гледаат САД како главен растечки пазар. Тие забележаа пораст од 150 отсто на вредноста на ТВ-правата на англиски јазик во САД како дел од новото комерцијално заедничко вложување.
Извршниот директор на Ајакс, поранешен голман на Манчестер јунајтед, Едвин ван дер Сар, друг член на одборот на ЕКА, исто така, не ја отфрли можноста натпреварите на УЕФА да се играат во странство во иднина.
– Италијанскиот Суперкуп и одредени куп-финалиња, исто така, се играат во странски земји. Националните асоцијации и националните лиги веќе играат некои финалиња во странство. Не сум сигурен колку е отидена напред идејата на УЕФА или на ЕКА, но не е ништо ново што одредени натпревари се играат во странство – вели Ван дер Сар.
Некои други спортови успешно ги однесоа натпреварите на нови пазари, како што е НФЛ (американски фудбал), во која натпревари од редовната сезона се играат во Лондон. На Генералното собрание на ЕКА што пред неколку дена се одржа во Истанбул присуствуваше и главниот извршен директор на Формула 1 (Ф1), Стефано Доменикали, од кого ЕКА сакаше да слушне како другите спортови и бизниси генерираат нови приливи. Една од битните работи покрај продажбата на ТВ-правата, Ф1 на земјите им ги продава и правата да бидат домаќини на настаните, нешто налик на заедничко вложување што УЕФА и ЕКА би можеле да го разгледуваат со врска со Суперкупот.Л.Д.