ФУДБАЛ – СУПЕРЛИГА НА АНГЛИЈА, ЖЕНИ

На мечот во женската фудбалска Суперлига на Англија, на дерби-дуелот Арсенал – Тотенхем (4-0) на стадионот „Емирати“, забележена е рекордна бројка гледачи, 47.367. Со тоа беше соборен претходниот рекорд од 38.262 гледачи, поставен, исто така, на меч помеѓу двата тима, во ноември 2019 година, но тогаш на стадионот на Тотенхем, објави „Би-би-си“. Вообичаеното фудбалерките на Арсенал своите натпревари ги играат на стадионот „Медоу парк“, кој е со капацитет од 4.500 места.
Бет Мид, најдобрата и најефикасна фудбалерка на Европското првенство (ЕП) летово, стрелец на првиот гол за „топчиите“, изјави дека публиката била таа што им „влеала толку многу енергија и им помогнала во убедливата победа“. За Арсенал тоа беше 10-та последователна првенствена победа и осми меч без примен гол, што, исто така, е рекорд во лигата. ЕП во Англија беше најпосетено досега со над половина милион гледачи. Победата на Англија над Германија (2-1) во финалето на стадионот „Вембли“ ја следеа 87.192 гледачи, што е рекорд за финале на ЕП, во машка и во женска конкуренција. Л.Д.