Славниот син дрес што Диего Марадона го носеше на мечот Аргентина – Англија (2-1) на СП 1986 во Мексико и е во сопственост на поранешниот англиски репрезентативец Стив Хоџ се очекува да достигне цена од околу четири милиони фунти

ФУДБАЛ

Дресот што го носеше Аргентинецот Диего Марадона кога го постигна голот со помош на „божјата рака“ на мечот против Англија (2-1) на Светското првенство (СП) 1986 година во Мексико ќе се продава на аукција. Славниот син дрес на Марадона, кој моментално е во сопственост на поранешниот англиски репрезентативец Стив Хоџ, се очекува да достигне цена од над четири милиони фунти (околу 4,8 милиони евра). На тој меч против Англија, Марадона постигна уште еден гол кога ги предрибла половината англиски играчи и кој се смета за еден од најубавите голови во историјата на СП.
По смртта на Марадона во ноември 2020 година, Хоџ (59) изјавуваше дека дресот не е на продажба, но сега очигледно се премисли. Хоџ, кој има одиграно 24 меча за Англија, го поседува дресот откако го заменил својот со Марадона во тунелот по четврт-финалето на СП 1986-та, во кое Аргентина победи со 2-1. Хоџ му го има позајмено дресот на Националниот фудбалски музеј, каде што е повеќе од 20 години, но сега треба да биде продаден на аукција во Лондон, на наддавањето што ќе трае од 20 април до 4 мај.
Сегашната рекордна цена за спортски дрес носен на натпревар ја држи бејзбол-дресот на легендата на Њујорк јенкис, Бејб Рут, кој беше продаден за 5,6 милиони долари во 2019 година.
Марадона, кој се смета за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, имаше огромна улога во триумфот на Аргентина на СП 1986 во Мексико. Тој играше и за клубовите Бока јуниорс, Барселона, Севилја, Њуелс Олд бојс, но во Наполи, играјќи помеѓу 1984 и 1991 година, ја зацврсти репутацијата како најдобар светски играч во генерацијата. Тој со Наполи освои две „скудета“ во Серија А, во 1987-та и во 1990-та, триумфира во Купот на УЕФА, во Купот и во Суперкупот на Италија.