Од годинава, наградите се базираат на постигнувањата на фудбалерите во текот на една сезона, наместо како досега, во рамките на една календарска година. Првпат од 2005 година меѓу кандидатите за наградата не е Меси, актуелен победник и рекордер. „Франс фудбал“ ќе додели вкупно седум награди, а првпат и признанието „Сократес“, за фудбалери и фудбалерки вклучени во општествени и добротворни проекти, објавија организаторите

ВО ИЗБОР НА „ФРАНС ФУДБАЛ“

Во Париз денеска ќе биде доделена 66-та „Златна топка“ за најдобар фудбалер во светот, во избор на францускиот магазин „Франс фудбал“, а првпат наградата ќе се базира на постигнувањата на фудбалерите во текот на една сезона (во случајот 2021/2022), наместо како досега, во рамките на една календарска година.
На 12 август годинава беше објавена листата со номинираните 30 фудбалери, меѓу кои по петмина од европскиот шампион Реал Мадрид, континенталниот вицешампион Ливерпул и од англискиот првак Манчестер сити. Првпат од 2005 година меѓу кандидатите за наградата не е Аргентинецот Лионел Меси, актуелен победник и рекордер (досега тој седум пати ја доби наградата „Златната топка“).
На денешната церемонија ќе се избере и најдобрата фудбалерка (номинирани се 20, меѓу нив и ланската победничка Алексија Путелјас од Шпанија), потоа најдобриот млад фудбалер до 21 година за наградата „Рајмонд Копа“, именувана по славниот француски фудбалер (во трка се дваесетмина, минатата година наградата ја доби Шпанецот Педри, кој сега не е во конкуренција) и најдобриот голман за наградата „Лев Јашин“, трофеј именуван по славниот руски голман, единствен меѓу голманите освојувач на „Златната топка“ (минатогодишен победник е Италијанецот Џанлуиџи Донарума, сега не е номиниран).
„Златната топка“ за најдобар фудбалер се доделува од 1956 година, за најдобра фудбалерка и за најдобар млад фудбалер од 2018-та, а за најдобар голман од 2019 година. „Франс фудбал“ во 2021 година воведе награди и за најдобриот стрелец (прв добитник е Роберт Левандовски), од годинава награда именувана „Герд Милер“, по славниот германски центарфор, и за најдобриот клуб (лани признанието го доби Челси).
Од годинава магазинот „Франс фудбал“ ќе ја доделува и наградата „Сократес“, именувана по легендата на бразилскиот фудбал, за фудбалери и за фудбалерки вклучени во општествени и добротворни проекти, објавија организаторите. Со овој нов трофеј се комплетираат наградите за денешниот гала-настан во Париз, „Златна топка“, на кој ќе бидат доделени вкупно седум признанија.


НАГРАДИ НА „ФРАНС ФУДБАЛ“ ТРОФЕЈ ПРВПАТ ДОДЕЛЕН

„Златна топка“ за фудбалер 1956 г.
„Златна топка“ за фудбалерка 2018 г.
„Рајмонд Копа“ за најдобар
млад фудбалер 2018 г.
„Лев Јашин“ за најдобар голман 2019 г.
„Герд Милер“ за најдобар стрелец 2021 г.
Најдобар клуб 2021 г.
„Сократес“ за општествени и
добротворни проекти 2022 г.

НАЈМНОГУ ТРОФЕИ
Лионел Меси (Аргентина) 7
Кристијано Роналдо (Португалија) 5
Мишел Платини (Франција) 3
Јохан Кројф (Холандија) 3
Марко ван Бастен (Холандија) 3
Франц Бекенбауер (Германија) 2
Роналдо (Бразил) 2
Алфредо ди Стефано (Шпанија) 2
Кевин Киген (Англија) 2
Карл-Хајнц Румениге (Германија) 2

НОМИНИРАНИ ЗА „ЗЛАТНАТА ТОПКА“
Тибо Куртоа (Реал Мадрид)
Карим Бензема (Реал Мадрид)
Винисиус Жуниор (Реал Мадрид)
Лука Модриќ (Реал Мадрид)
Касемиро (Реал Мадрид)
Антонио Ридигер (Реал/Челси)
Ријад Марез (Манчестер сити)
Фил Фоден (Манчестер сити)
Кевин де Брујне (Манчестер сити)
Жоао Кансело (Манчестер сити)
Бернардо Силва (Манчестер сити)
Ерлинг Холанд (Манчестер С./Борусија Д.)
Мохамед Салах (Ливерпул)
Лиус Дијаз (Ливерпул)
Фабињо (Ливерпул)
Вирџил ван Дајк (Ливерпул)
Трент Александер-Арнолд (Ливерпул)
Дарвин Нуњез (Ливерпул/Бенфика)
Садио Мане (Баерн/Ливерпул)
Мик Мењан (Милан)
Рафаел Леао (Милан)
Хеунг-Мин Сон (Тотенхем)
Хари Кејн (Тотенхем)
Кристофер Нкунку (Лајпциг)
/Јошуа Кимих (Баерн)
Роберт Левандовски (Барселона/Баерн)
Душан Влаховиќ (Јувентус)
Килијан Мбапе (ПСЖ)
Себастијан Алер (Борусија Д./Ајакс)
Кристијано Роналдо (Манчестер Ј.)