Повик за зголемување на производството на храна

Неколку истражувања покажаа дека Македонија станува сѐ позависна од увозот на храна. Од друга страна, голем дел македонски земјоделските површини остануваат необработени, а најчесто земјоделските производи се пласираат како суровина, а не како финален производ. Во изминатата деценија, македонската држава му помагаше на земјоделството со субвенции, но тоа не ја намали зависноста од увоз на храна. Доколку се земат предвид нарушувањето во синџирот на снабдување со храна и нашата зависност од увоз, тогаш е очигледно дека се потребни длабинска анализа на состојбата и обмислување нова стратегија, која реално ќе придонесе за зголемување на производството на храна

Неколку светски аналитичари предупредуваат дека во 2023 година светот може да се соочи со забележителен недостиг од храна. Повторно проблем!? Иако во овој момент не постои паника на глобално ниво, затоа што сега ја консумираме храната од минатогодишната реколта, постои сериозен проблем во синџирот на снабдување со храна.
Постојат различни и спротивставени мислења за појавите што можат да доведат до недостиг од храна. Ама, сепак, сценаријата не се розови. Според некои од анализите, случувањата што можат до доведат до глад на глобално ниво се двојно зголемени, бидејќи се поврзани, прво, со пандемијата на коронавирусот и, второ, со воениот конфликт во Украина. Значи „две во едно“. Меѓутоа Питер Зеихан, геополитички аналитичар и автор, не се согласува со овие тврдења. Според него, интересно е дека нарушувањето на синџирот на снабдување со храна, и воопшто економскиот глобален систем на снабдување, е нарушен поради геополитичките случувања низ светот, особено поради антагонизмот помеѓу Вашингтон и Пекинг, како и антагонизмот помеѓу Западот и Русија. Всушност, пандемијата на коронавирусот само го забрза неизбежниот и очекуван антагонизам на глобално ниво и затоа државите низ светот треба да се приспособат на новонастанатата состојба. Значи коронавирусот, според него, не е генератор, туку акцелератор на нешто што не може да се избегне?! Повторна светска биполарност, па потоа повторно затишје, по бурата…
Питер Зеихан беше меѓу првите аналитичари што уште во почетокот на воениот конфликт во Украина предупредија дека светот може да се соочи со недостиг од храна поради зголемувањето на енергијата и вештачките ѓубрива. Неговите предвидувања се покажаа како точни ако се земе предвид дека зголемените сметки за енергија во Европа предизвикаа бран на затворање на големите фабрики за ѓубрива, поради што дојде до нарушување кај земјоделците и производителите на храна. Индустријата за производство на ѓубрива е меѓу првите што го намалија производството поради енергетската криза влошена со воениот конфликтот во Украина и западните санкции врз руската нафта и природниот гас, кои се неопходни за производство на вештачки ѓубрива.

Зеихан нагласува дека за да се обнови синџир за снабдување со фосфатни ѓубрива ќе бидат потребни најмалку три години. Цените на вештачките ѓубрива на глобално ниво се покачени за околу 50-200 отсто. Овој проблем во Соединетите Американски Држави се решава со фармерските кредити, односно финансиски стимули за да не се дозволи покачување на храната, поради поскапените вештачки ѓубрива.
Меѓутоа, најголемиот дел држави во светот немаат финансиска помош како онаа на Вашингтон. Земјоделците и фармерите на глобално ниво нема да ги обработуваат земјоделските површини каде што ќе мораат да употребуваат ѓубрива или ќе користат помалку вештачки ѓубрива. Затоа експертите предупредуваат дека во 2023 година се очекува да има помалку род на глобално ниво. Особен проблем ќе бидат житото и капацитетите за складирање на житото. Многу држави низ светот немаат капацитет ниту современи објекти за складирање на житото за подолг период. Питер Зеихан нагласува дека токму во октомври светот ќе дознае дали и колку ќе има недостиг од жито.

Предупредувањата на експертите за нарушувањето на синџирот на снабдување со храна се остварија. Затоа нивните укажувања дека светот може да се соочи со глад треба да се сфатат сериозно. Неколку истражувања покажаа дека Македонија станува сѐ позависна од увозот на храната. Од друга страна, голем дел македонски земјоделските површини остануваат необработени, а најчесто земјоделските производи се пласираат како суровина, а не како финален производ. Во измината деценија, македонската држава му помагаше на земјоделството со субвенции, но тоа не ја намали зависноста од увоз на храна. Доколку се земат предвид нарушувањето во синџирот на снабдување со храна и нашата зависност од увоз, тогаш е очигледно дека се потребни длабинска анализа на состојбата и обмислување нова стратегија, која реално ќе придонесе за зголемување на производството на храна. Во овој момент, поради високата цена на вештачките ѓубрива, македонските земјоделци имаат потреба од реална финансиска помош. Истовремено, државата треба да преземе активности што ќе доведат до зголемување на насадените површини со жито, но и на обезбедување современи силоси.