Кевин де Брујне го слави голот против Атлетико/Фото: Твитер - ЛШ

Кевин де Брујне ја реализираше извонредната асистенција на резервистот Фил Фоден во 70-та минута за да му донесе на Манчестер сити победа над Атлетико Мадрид од 1-0 на домашен терен, во првиот меч од четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите.

Гостите повлечени на својата половина, жестоко се бранеа во текот на целиот меч, па не е изненадување што не успеаја да упатат ниту еден удар во рамките на голот на Едерсон.

Ривалот на Сити од англиската Премиер-лига, Ливерпул, исто така оствари предност, совладувајќи ја Бенфика на гости со 3-1 со головите на Ибрахима Конате, Садио Мане и Луис Дијаз, додека Дарвин Нуњез беше стрелец за португалскиот тим.

Реваншите се играат на 13 април. Утре се среќаваат Челси – Реал Мадрид и Вилјареал – Баерн (од 21 часот).