• Играњето во финалето на фудбалско светско првенство е сон што не се остварува за секој играч, а уште помалку успеваат да го држат трофејот. Да се освои овој трофеј значи да се стане фудбалска легенда и да се памети како херој до крајот на животот, а од Диего Армандо Марадона до Зинедин Зидан, преку Роналдо и Бастијан Швајнштајгер, многу фудбалски легенди го имаа задоволството да го освојат овој трофеј, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во продолжение издвојуваме некои податоци поврзани со најголемиот трофеј во спортот.
    Во 1970 година, Бразил третпат стана светски првак и засекогаш го освои трофејот „Жил Риме“. Првично дизајниран за инаугуративниот настан во 1930 година, купот им беше дефинитивно доделен на Бразилците откако тие го освоија трипати. Потоа ФИФА објави конкурс за избор на нов трофеј што беше воведен за СП во 1974 година.
  • Педесет и три дизајни беа пријавени на конкурсот од кој ФИФА ја избра креацијата на италијанскиот скулптор Силвио Гаѕанига. Трофејот, кој и денес им се доделува на победниците на СП, ја претставува радоста на победата со двајца стилизирани играчи што го држат светот.
  • Изработен од 18-каратно злато, трофејот е висок 36,8 сантиметри и тежок 6,175 килограми. Основата, со дијаметар од 13 см, се состои од две полускапоцени зелени ленти од малахит, кои се реставрирани неколкупати, покрај нанесувањето нов слој позлатена облога. По најновата реставрација во 2005 година, ФИФА одлучи да престане да му го позајмува оригиналниот трофеј на победничкиот тим. На носителите на трофејот претходно им беше дозволено да го изложат во трофејниот кабинет на нивната федерација пред да го вратат на ФИФА за следното Светско првенство. Од 2006 година, оригиналниот пехар му беше даден на тимот само за време на официјалната церемонија на доделување на наградите пред да биде изваден од вработените во ФИФА. На земјата-победник потоа ѝ се дава точна реплика на оригиналот.
  • Имињата на 12-те репрезентации што го освоиле СП од 1974 година се врежани на дното на основата на трофејот.
    l Германија е репрезентацијата што најмногупати го освоила овој нов трофеј, во 1974, 1990 и во 2014 година. За разлика од трофејот „Жил Риме“, овој пехар не им е дефинитивно предаден на трикратните шампиони, инаку Германија веќе ќе го заслужеше правото да го задржи. Аргентина и Франција вчера играа за третата титула.
  • Осум европски селекции го освоија трофејот од 1974 година, во споредба со четири јужноамерикански.