Фото: Игор Бансколиев

Непридржувањето на утврдените принципи и критериуми на ЕУ, според познавачите на европските движења и наши соговорници, станува нејзин – „мек стомак“. И оваа констатација важи не само за критериумите (предвидени за исполнување за приклучување) на новите земји што сакаат членство во Унијата туку „растегливоста на принципите и критериумите“ утврдени за внатрешно функционирање на ЕУ сѐ повеќе е присутна и за самите земји-членки на Унијата, попрецизно за оние „членки од втор ред“! Сѐ почесто Брисел покажува занемарување на утврдените формалноправни обрасци на принципиелно функционирање, со примери на испорачани непринципиелности кон Полска, Унгарија, Словачка, Бугарија Романија… На тој начин, според нашите соговорници, како веќе да се создава „ЕУ од прв“ и „ЕУ од втор ред“. Но, во исто време, што е уште поважно за нас, поради сличната состојба на ЕУ-непринципиелностите, меѓу ЕУ и земјите што го сакаат членството, се создава амбиент на недоверба во дијалогот, во соговорништвото, на релацијата ЕУ и земјите што сакаат да бидат членки. Паѓа и протокот на довербата низ каналите на комуникација за размената на идеи и човечки ресурси, а сѐ поради перманентното менување на ставовите на Брисел, поради дневнополитички интереси на носечките членки на Унијата. Како се чувствуваат на грбот на ЕУ земјите „од втор ред“, а како уште повеќе страдаат од таквите состојби земјите што сакаат да бидат членки, а особено нашата земја?

Растегливоста на критериумите на ЕУ ја девалвира Унијата и за нејзините членки и за претендентите за членство

Кога Бугарија го доби ветото од страна на Холандија и на Австрија за пристапување во шенген-зоната, бугарскиот претседател Румен Радев настапи категорично во Брисел, со изјава пред новинарите дека неговата земја наредната година ќе влезе во Шенген, соработувајќи со земјите на ЕУ, кои сега ги блокираа! Освен тоа, Радев нагласи дека „Бугарија бара јасни рокови“ за прием, бидејќи ги исполнува критериумите за членство за Шенген. Барајќи „фиксни временски рамки“ за Софија, за влез во шенген- зоната, тој нагласи дека „целта е влез во шенген-зоната најдоцна во октомври 2023 година“. Според него, останува бугарското национално собрание да донесе два важни закона во јануари – за одговорност на главниот обвинител и законот за антикорупција, но датумот за влез во Шенген на Софија однапред да биде фиксиран од Брисел!

ЕУ-дриблинзи со критериумите, принципите и временските рамки и рокови

Во контекст на очекувањата искажани од бугарскиот претседател, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека сака Бугарија да го комплетира механизмот за следење на шенгенскиот информациски систем и дека бара нова евалуација во рамките на механизмот за соработка и верификација. Според него, тоа може да се направи до лето и со тоа да се отвори вратата за влез на Бугарија во шенген-зоната.
– Како што кажав претходно, не велиме „не“, туку „не сега“. Ни требаат уште две работи од Бугарија: да се заврши механизмот за следење на информацискиот шенген-систем и, второ, нова процена на соработката и верификацијата. Механизам – објасни Руте.
Ветото за влез на Бугарија во шенген-зоната на ЕУ и барањето на бугарскиот претседател неговата земја да има „рамноправен третман“ како другите членки на ЕУ создадоа еден бизарен контекст на непринципиелности на Унијата, кои Брисел самиот си ги генерира. Со умисла или не, администрацијата во Брисел што ги протектира носечките членки на Унијата ја игра играта на „мајка и маќеа“ за одредени земји, а дури некои од своите членки ги користи како „маша“ за постигнување одредени цели. На пример, за Македонија, Брисел ја ползува деструктивната улога на Бугарија (предходно и на Грција), која веќе три-четири години стана алфа и омега во процесот на проширување на Унијата. Имено, Бугарија од 2019 година, злоупотребувајќи ја привилегијата на земја-членка на ЕУ, дејствува опструктивно врз македонскиот евроинтегративен процес, со намера да наметне „нерамноправен третман“ за Македонија, уценувајќи го почетокот на преговорите со услови што немаат никаква корелација со критериумите на ЕУ за проширувањето, но се и целосна негација на основните човекови права во доменот на слободата за национално самоопределување и себеименување. Обидувајќи се да ги релативизира уценувачките позиции на својата земја-членка, ЕУ својот притисок главно го насочи спрема Македонија, претворајќи ги бугарските услови во „европски“ преку т.н. француски предлог за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес, во кој главното барање се измени на македонскиот устав за внесување на Бугарите во преамбулата. Така, моменталната слика на односите Македонија – Бугарија – ЕУ личи на сижето од приказната за корнење на репката: Македонија е под постојана закана за вето од Бугарија во целиот преговарачки процес за членство во ЕУ (кој не е ни започнат), Бугарија има вето од други членки на ЕУ за влез во шенген-зоната, а ЕУ си поигрува со двојни стандарди и бара изговори како да ги одложи (па и да не ги исполни) своите ветувања…
– Не сум загрижен за двојните стандарди во ЕУ, кои таму се присутни со децении. И тоа е нивно непринципиелно поведение. Повеќе сум загрижен за Македонија и уцените што Бугарија им ги прави на мојот народ и на мојата земја. ЕУ мора да зачува механизми за превоспитување на Бугарија, која живее во 19 век. Доколку ѝ се дозволат на Бугарија сите привилегии што доаѓаат од ЕУ (како фондови, шенген-зона и сл.), тогаш самата Унија ќе се разоружи и не ќе може да ги исполни ветувањата за интеграцијата на Македонија. На тој начин, ЕУ дополнително ќе го изгуби кредибилитетот во очите на мојот, македонскиот народ – вели Петар Богојевски, лидер на Македонски концепт.

Македонија не мора да прифаќа сѐ што ѝ се нуди како решение

Принципиелноста на ЕУ во однос на почитување на сопствените вредности и критериуми, но и на стандардите на меѓународното право, пред сѐ за рамноправноста на сите субјекти во меѓународните односи, одамна е пред сериозен предизвик со третманот на Македонија. Хипокризијата изразена преку барање за исполнување услови што не ѝ биле поставени на ниту една друга земја-членка, ниту на актуелен кандидат, повторно танцува на жица во реакциите за ветото спрема Бугарија и бугарското вето за Македонија. Кога Бугарија бара „јасни рокови зашто одамна ги исполнила условите“, наидува барем на конкретни одговори од факторите во ЕУ, додека кога станува збор за Македонија, дури и претпоставките за краен рок за полноправно членство во Унијата се „ставање во непријатна ситуација“ на ЕУ-емисарите, што обично завршуваат со „укор и утеха“ дека „реформите не треба ги правиме за ЕУ, туку тоа е наша потреба“.
– Секој, кога ќе се почувствува онеправден во одредена ситуација, отворено и категорично го искажува својот интерес и го бара правото што му припаѓа, повикувајќи се на конвенции, правила и на меѓународното право. Тоа го прават сите соседи на Македонија, истакнувајќи го своето право и интерес за кое сметаат дека им е загрозено, не се почитува во ЕУ или во други меѓународни организации. Тоа го прават и Бугарија, и Србија, и Албанија, и Грција, па дури ни Косово не премолчува. Само нашите, македонски политичари се поставуваат сервилно спрема сите (ЕУ, САД, ООН, па дури и билатерално, со соседите), постојано правејќи отстапки од националните интереси. Конечно, не мораме да прифаќаме сѐ што ни се нуди како решение од ЕУ и меѓународната заедница, за тие да си ги оправдаат својата непринципиелност и двојни стандарди. Одамна требаше македонските политичари да се постават и да побараат од ЕУ да се однесува спрема Македонија според стандардите на меѓународното право и нејзините критериуми да ги применува со еднаков и рамноправен третман како спрема сите – вели академик Катица Ќулавкова.
Кога станува збор за барање „фиксни датуми“ за добивање одредени права, откако (одамна) се исполнети стандардните критериуми за тоа, Македонија има целосен легитимитет да побара од ЕУ јасна временска одредница кога ќе стане членка на Унијата, но и да добие одговор кога Бугарија ќе ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и Македонците таму да ги добијат своите основни и „пресудени“ права на самоопределување, а рамноправниот третман на македонската држава според критериумите на меѓународното право, треба да се применува – веднаш!