ФУДБАЛ

Фернандо Диниз е ангажиран како селектор на фудбалската репрезентација на Бразил со 12-месечен договор, кој ќе истече кога ќе истече договорот на Карло Анчелоти со Реал Мадрид. Раководните лица на Бразилската фудбалска конфедерација посочија дека намерата е да се почека една сезона и потоа да се донесе Анчелоти, 64-годишниот италијански тренер, да го води тимот на Светското првенство во 2026 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Диниз, тренерот на Флуминенсе, ќе ја задржи работата во клубот од Рио де Жанеиро и ќе ѝ се приклучи на репрезентацијата само за јужноамериканските квалификации за Светското првенство.
– Планот за игра на Диниз е речиси сличен на оној на тренерот што ќе ја преземе селекцијата за Копа Америка, Анчелоти. Не го нарекуваме привремен селектор на репрезентацијата. Тој ќе дојде и ќе направи транзиција за Анчелоти – рече Едналдо Родригес, претседателот на бразилската фудбалска конфедерација, пренесе АП.