Целите ќе се идентификуваат со помош на „серија помали радари што ќе се дистрибуираат низ местото на настанот, создавајќи целосна слика за воздушниот простор“, вели за „Би-би-си“ извршниот директор и коосновач на „Фортем технолоџи“, Тимоти Бин, кој додава дека беспилотните летала ќе ја вршат својата работа „на два-три километри или нешто подалеку од местото на настанот“

ФУДБАЛ – НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

На Светското првенство (СП) во фудбал во Катар годинава ќе се користат беспилотни летала за да се заштитат стадионите и публиката, а тие беспилотни летала ќе имаат задача да ги ловат малите „непознати“ дронови и да помогнат во заштитата на стадионите на кои ќе се играат натпреварите на Светското првенство, пишува „Би-би-си“.
Беспилотните летала пресретнувачи ќе бидат обезбедени од американската фирма „Фортем технолоџи“, во договорот со Министерството за внатрешни работи на Катар, пишува „Би-би-си“.
Од „Фортем технолоџи“ велат дека нивниот систем е безбеден начин за приземјување на беспилотните летала на одредени локации, со што се намалуваат ризиците од повреди. Кога станува збор за поголемите беспилотни летала, кон нив ќе се лансира мрежа што ќе биде поврзана со падобран и ќе се приземјуваат.
Целите ќе се идентификуваат со помош на „серија помали радари што ќе се дистрибуираат низ местото на настанот, создавајќи целосна слика за воздушниот простор“, вели за „Би-би-си“ извршниот директор и коосновач на „Фортем технолоџи“, Тимоти Бин, кој додава дека беспилотните летала ќе ја вршат својата работа „на два-три километри или нешто подалеку од местото на настанот“.
Компанијата вели дека има распоредено антидрон-системи и на други спортски натпреварувања во светот, потоа на состанокот на Светскиот економски форум во Давос, како и на повеќе аеродроми во Велика Британија, пишува „Би-би-си“.
Д-р Стив Рајт од Универзитетот во Западна Англија верува дека системите како „фортем“ може да бидат ефикасни против заканата од помалите дронови. Д-р Рајт вели и дека неговиот тим изградил беспилотно летало што може да се движи многу брзо во различни правци, што е еднакво на забрзување од нула до 97 км/ч за помалку од една секунда. Л.Д.