Пред него два хет-трика во низа постигнале Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Луиз Адријано. По поразот од Реал Мадрид (1-3), Челси го очекува „невозможна мисија“, оти од формирањето на ЛШ во сезоната 1992/1993, само една од 43 екипи успеала негативата од два гола од првиот меч дома да ја анулира во реваншот на гости

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Французинот Карим Бензема постигна хет-трик на мечот Челси – Реал Мадрид (1-3), во првиот четвртфинален меч во Лигата на шампионите (ЛШ), по кој бранителот на титулата е блиску до елиминација. Челси го очекува „невозможна мисија“, оти од формирањето на ЛШ во сезоната 1992/1993, само една од 43 екипи успеала негативата од два гола од првиот меч дома да ја анулира во реваншот на гости. Таков подвиг забележа само Манчестер јунајтед против ПСЖ, во осминафиналето во сезоната 2018/2019. Тогаш на тренерската клупа на ПСЖ беше Томас Тухел, токму сегашниот менаџер на Челси.
За Бензема (34) ова е втор хет-трик по ред во ЛШ, откако во минатата осминафинална рунда му даде три гола и на ПСЖ. Тој е четвртиот играч што постигнал два хет-трика во низа во ЛШ, по Кристијано Роналдо (2016/2017), Лионел Меси (2016/2017) и Луиз Адријано (2014/2015).
– Постојат волшебни ноќи, како неодамна на „Бернабеу“ против ПСЖ. На овој меч излеговме да победиме, да покажеме дека сме Реал Мадрид. Работите се одвиваа добро за нас, одигравме одлично, од првата до последната минута – изјави Бензема, кој е првиот играч што му дал три гола на Челси на европски натпревар.
Бензема сега има постигнато 82 гола во ЛШ, три помалку од третопласираниот Роберт Левандовски на листата на најдобри стрелци (на првите две позиции се Роналдо и Лионел Меси). Сезонава тој има дадено 37 гола на 36 меча во сите натпреварувања.
Сезонава е најплодната во кариерата на Бензема, кој конечно излезе од сенката на Роналдо, по неговото заминување во Јувентус во 2018 година.

Во четирите заеднички сезони, Бензема постигнуваше во просек по 20 гола во сезона. Во следните четири години без Роналдо, откако ја презеде главната улога во нападот, тој во просек постигнува повеќе од 30 гола по сезона. Тој е водечки стрелец во шпанската Ла лига, со 24 гола (никој друг нема дадено повеќе од 14), а е и најдобар асистент (11). За споредба, напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, има дадено 20 гола во Премиер-лигата и има 10 асистенции. Роберт Левандовски од Баерн Минхен постигна 31 гол во Бундес-лигата, но има само една асистенција, а во Франција најефикасен е Килијан Мбапе од ПСЖ, со 17 гола и 13 асистенции.
Славниот сонародник Зинедин Зидан во декември 2020 година го опиша Бензема како најдобриот француски напаѓач во историјата. Бензема, кој со Реал Мадрид веќе освои четири титули во ЛШ, е најефикасниот француски фудбалер со 416 гола, минувајќи го Тиери Анри на таа листа.
– Пред две години реков дека тој е еден од најпотценетите играчи во светскиот фудбал. Тоа не важи повеќе и тој апсолутно ги заслужува сите пофалби. Одличен фудбалер и личност – вели Тухел, менаџерот на Челси.


Вилјареал го запре Баерн Минхен

Ланскиот победник во Лига Европа (ЛЕ), шпанскиот Вилјареал, во првиот настап во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) по 2009 година го победи Баерн Минхен, со минимални 1-0. За Баварците, шампионите од 2020-та, ова беше само втор пораз на претходните 30 натпревари во ЛШ (26 победи и две ремија). Баерн за првпат по 31 меч и ремито со Ливерпул на гости (0-0) во февруари 2019 година не успеа да постигне гол.
Вилјареал не е поразен на претходните седум натпревари дома во нокаут-фазата во ЛШ, односно на 10-от во низа на домашен терен во сите натпреварувања (седум победи и три ремија). Шпанскиот тим има загубено само еден од шесте натпревари дома против германски тимови во натпревари под ингеренција на УЕФА (три победи, две ремија и еден пораз).
– Мојот тим е многу натпреварувачки настроен. Имаме многу прекрасни спомени и искуства од оваа и од минатата сезона. Начинот на кој тимот реагира е „ние сме тука, во ред, играме против фаворит, но сакаме да бидеме во полуфиналето – изјави Унаи Емери, тренерот на „жолтата подморница“.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, ПРВИ ДУЕЛИ

Челси – Реал Мадрид 1-3
Вилјареал – Баерн Минхен 1-0
Бенфика – Ливерпул 1-3
Манчестер сити – Атлетико 1-0

(реваншите се на 12 и 13 април)