Фото: Принт-скрин

Сите држави од поранешна Југославија гласаа за резолуцијата на генералното собрание на Обединетите нации (ОН) со која Русија беше суспендирана од Советот за човекови права.

Меѓу 93-те држави кои се изјаснија во корист на резолуцијата се Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска и Словенија, додека 24 беа против, а 58 воздржани.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното гостување на РТС наведе дека Србија гласала за суспензија на Русија од Советот за човекови права на ОН бидејќи била уценувана. Тој посочи оти примарна одлука на Србија била да биде воздржана, но дека во тој случај би следувал силен притисок од двете страни.

Бразил, Тајланд, Индија и Мексико беа меѓу воздржаните кои бараа да видат резултати од независна истрага за наводните злосторства во Украина, пред да донесат одлука за исклучувањето на Русија.

На мерката на ОН се противеа Северна Кореја, Иран, Белорусија и Сирија, а повеќе држави сигнализираа оти сметаат дека гласањето е избрзано, бидејќи истрагата за обвинувањата против Русија е во рана фаза.

Кинескиот амбасадор во ОН Жанг Јун смета дека одлуката на ОН ќе води кон политизација или инструментализација на прашањата за човековите права.

Либија е единствениот друг актуелен член на Советот за човекови права на кој му беше суспендирано членството во 2011 година, кога силите лојални на Моамер Гадафи насилно ги разбија антивладините демонстранти.

Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор ги критикуваше ОН, велејќи дека треба да делуваат како мировен посредник помеѓу Русија и Украина, повикувајќи на поголема улога на дипломатијата за ставање крај на војната.

– Како ќе го решиме конфликтот на Русија со Украина ако нема посредник. Зарем ОН не се тука за таа цел – кажа Лопез Обрадор.