Наша цел е да создадеме средина во клубот каде што сите ќе се чувствуваат добредојдени, вели управниот директор на Арсенал, Ричард Гарлик
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Арсенал им забрани влез на 24 свои поддржувачи на стадионот „Емирати“ поради навредливо и дискриминаторско однесување, вклучувајќи расизам и напад на стадионот и преку интернет, минатата натпреварувачка сезона. Од нив 14 навивачи добија тригодишни суспензии од премиерлигашките мечеви на домашен и на гостински терен, додека другите 10 добија казна од по една година. Повеќето од инцидентите се случија на стадионот „Емирати“ во Лондон, додека тројца навивачи беа откриени дека навредувале на интернет. Клубот додаде дека „образованието“ е клучно за справување со ова прашање – пишува лондонски „Би-би-си“.
Управниот директор на Арсенал, Ричард Гарлик, вели дека клубот ќе продолжи со тврд пристап кон злоупотребата и дискриминацијата.
– Злоупотребата и дискриминацијата нема да се толерираат. Ќе продолжиме да преземаме силни активности заедно со нашите партнери и полицијата против ова одвратно однесување. Знаеме дека тоа е мало малцинство, но тоа нема да нѐ спречи да преземеме мерки против насилниците што се идентификувани како сопственици на сезонски билети на клубот Арсенал. Наша цел е да создадеме средина во клубот каде што сите ќе се чувствуваат добредојдени. Се надевам дека продолжувањето на акцијата ќе послужи како пречка за оние што користат навредлив, заканувачки и дискриминаторски јазик – категорично изјави Гарлик.
Внатре во стадионот „Емирати“ имало 10 случаи на напади, пет на пеење навредливи песни, пет навредливи гестови, две расистички изјави, еден случај на хомофобија и еден сексуален напад. На интернет, пак, една расистичка изјава и по еден случај на антисемитизам и испраќање навредливи пораки. Г.И.