ЕП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 21 ГОДИНА

Англија и Шпанија по 39 години одново ќе играат во финалето на Европското првенство (ЕП) за фудбалери до 21 година, овој пат во мечот за титулата на 24-то издание на натпреварувањето, утре (18 ч.), во Батуми (Грузија). Англија игра за својата трета титула во оваа категорија, прва од 1982 година (тогаш победи во финалето со Шпанија по два меча со 3-0), а Шпанија за нов рекорд, за шестата титула. Во полуфиналето Англија го победи Израел со 3-0, а Шпанија славеше на средбата со Украина со 5-1.

Англија, која победи на секој од петте меча на ЕП 2023 и не прими ниту еден гол (вкупна гол-разлика 10-0, головите ги постигнаа рекорден број играчи, седум), беше младински европски првак во 1982 и во 1984 година. Шпанија, пак, која на петте меча на ЕП 2023 забележа четири победи и едно реми, досега пет пати беше младински првак (толку титули има и Италија), и тоа во 1986, 1998, 2011, 2013 и во 2019 година. Ова ќе биде рекорден деветти настап во финале за Шпанија.

Шпанците Антонио Бланко, Серхио Гомез, Хуан Миранда и Абел Руиз, заедно со тренерот Санти Дениа, се обидуваат да комплетираат тројна круна по освојувањето на ЕП 2017 за фудбалери до 17 години и на ЕП 2019 за фудбалери до 19 години, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).