Фото: ЕПА

Во ексклузивно интервју Андоновски ѝ раскажува на ФИФА за тоа како неговото искуство од фудбал во сала го довело до оваа точка и објаснува како е да се тренираат некои од водечките фудбалерки

ФУДБАЛ – ИНТЕРВЈУ НА ФИФА СО СЕЛЕКТОРОТ НА САД

Селекторот на репрезентацијата на САД, Влатко Андоновски, во интервју за интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) зборува за предизвикот САД да ја одбранат титулата на Светското првенство (СП) за фудбалерки и за неговиот личен пат од Македонија до светската сцена.
Очекувањата се сѐ во фудбалот, а оние со кои се соочува Андоновски се јасни: победа на СП за фудбалерки во своето деби на турнирот за да се осигури дека неговата репрезентација ќе влезе во историјата како прва што го освоила овој турнир трипати по ред. Нема притисок. Сепак, тоа е предизвик што го прифаќа Андоновски, кој вели дека етикетата на фаворити ги прави работите возбудливи за него и за неговата репрезентација, пишува ФИФА. Тоа е особено точно за групата, која САД очекуваат да биде тешка, со реванш од финалето во 2019 година против Холандија во второто коло, како и натпреварите со Виетнам и со Португалија. Во ексклузивното интервју тој ѝ раскажува на ФИФА за тоа како неговото искуство од фудбал во сала го довело до оваа точка и објаснува како е да се тренираат некои од водечките фудбалерки.

ФИФА: Дали е полесно или е поголем предизвик да се преземе селекција што остварила толку голем успех?
Андоновски: Секако дека е малку попредизвикувачки, бидејќи кога и да се победи на голем турнир, кога и да се има голем успех, целта на грбот расте. Така, одејќи на СП по победите на претходните две, целта на нашиот грб е огромна. Не ги олеснува работите, но тоа е она што го прави повозбудливо.
САД се пласираа на СП преку шампионатот на Северна Америка, кој го освоија без примен гол. Што можете да ни кажете за тој одбранбен ефект?
– Многу се гордееме на одбраната, што немаме примено гол, и вложуваме многу труд во тоа. Тоа е тимски напор и тоа е една од целите секогаш кога ќе стапнеме на теренот, не само да постигнуваме голови туку и да го браниме сопствениот гол.
Алекс Морган постигна три гола на тој турнир. Што значи да тренирате фудбалска легенда како неа?
– Чест е да тренирам фудбалерки како Алекс. Таа се докажа на секое можно ниво, таа се покажа како вистински стрелец, вистинска победничка, вистинска натпреварувачка. Само да кажам дека да се биде покрај такви играчи и да се работи со фудбалерки како Алекс е задоволство и чест.
Што мислите за противниците во групата: Виетнам, Холандија и Португалија?
– Мислам дека ќе биде предизвикувачка група, но тоа е возбудлива група. Ова е турнир на кој ќе видиме многу изненадувања, ќе видиме многу интересни натпревари, секако во групата во која сме. Мислам дека сите противници (во групата) се малку поинакви во начинот на кој играат, а тоа само ќе донесе поголема возбуда во мечевите.
Имавте многу извонредно патување од Македонија до професионалниот мал фудбал во Америка, до водење на САД на светско првенство за жени. Можете ли да ни кажете за тоа патување?
– Тоа беше лудо патување, но одлично патување. Мислам дека не би го променил за ништо на светот. Сѐ што направив, доаѓајќи на оваа позиција, само ми помогна да станам тренер каков што сум. Од тренирање младински фудбал, тренирање мал фудбал, тренирање фудбал на отворено, има елементи во мојата работа што ги земам од секое ниво од моите претходни искуства.
Гледајќи назад на тоа патување, колку е неверојатно да се биде сега на врвот на тренирање, на СП за жени?
– Тоа е апсолутно неверојатно. Тоа е искуство за кое сум возбуден и со нетрпение ги очекувам предизвиците, бидејќи ќе биде предизвик, ќе биде тешко, но тоа е она што го прави уште повозбудливо.
Дали има некои филозофии од вашето опкружување што ве водат како тренер?
– Математиката (ФИФА: Андоновски студирал математика на високо ниво во Македонија, а како дете бил шампион во шах) е она што ме прави многу аналитичен и многу ориентиран кон деталите. И мојата грижа за моето семејство. Се обидувам да создадам семејна средина во националниот тим и тоа е она што тоа го поттикнува.
Какво би било чувството да се освои трофејот на 20 август?
– Ова е нешто што би сакал да го одговорам на 21 август, но тоа е нешто за кое сите фантазираме, сите размислуваме и сите сонуваме. Посакувам тој сон да се оствари. Н.М.