Секое лошо за добро е!

Народот веќе не е наивен и кај него повеќе не поминува никаква европска приказна без конкретни дела. Ние уставни измени, вие брз прием со прецизен датум. Бугарија искрено да покаже дека нема намера да блокира. Не мора да го менува Уставот, како знак на добра волја нека ја повлече декларацијата од 2019 година и нека изгласа нова, во која ќе ја признае посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик и ќе дозволи земјата да си гради сопствен историски наратив. Се разбира, тоа нема да се случи, но убаво звучи и би било вистински гест што прекуноќ ќе ги смени македонско-бугарските односи во целосно позитивна насока

Почетокот на август е периодот кога пратениците во македонското собрание здружено прогласуваат „фајронт“, заминуваат на одмор и ги нема цел месец, оставајќи малку простор граѓаните да здивнат од собраниските лакрдии и да ја смират барем малку нервозата од она што катадневно го гледаат во законодавниот дом.
Како по обичај, сите фаќаат да се ладат во некои од соседните земји, но годинава, со оглед на дебелото покачување на функционерските плати, веројатно ќе можат да си дозволат и некоја подалечна и поегзотична дестинација, со олинклузив-услуга, онака како што им прилега на законодавците.
И сите тие планови звучат убаво, ама сметките по малку им ги замрсува влегувањето во собраниска процедура на амандманите за уставни измени. Навистина, мораше ли Владата да чека цела година за да ги пушти уставните амандмани баш сега, ако се знае дека францускиот предлог го прифати уште лани во јули. Какво што беше расположението тогаш, исто е и сега, ништо не се промени. Ниту јавноста сега е нешто повеќе убедена дека „францускиот предлог“ е добар, уште помалку граѓаните, кои и тогаш, но и сега се противат земјава да преговара со Бугарија наместо со ЕУ.
Но, нејсе, се изгуби една година и замислете сега, во пресрет на одморите, во вторник собраниската комисија за уставни прашања ќе почнува да ги разгледува уставните амандмани. Кога сме веќе кај овие амандмани, вакви какви што се воопшто и не требаше да се формира ниту работна група, бидејќи такви интервенции во преамбулата ќе направеше секое малку поснаодливо дете на кое ќе му поставиш една логична задача: вметни ги овие делови од шест народи по веќе наброените. Ако имаа барем малку доблест тие „уставни експерти“ во работната група, интервенциите ќе ги направеа гратис, од атер за сопствената држава, или ако веќе зеле пари за ништо, барем средствата да ги донираа во фондовите за операција на болни дечиња.
Вака, не само што си ги наполнија џебовите за ништо туку и ништо не направија. Предложените измени се полни со недоречености, нелогичности, контрадикторности и збунувачки објаснувања. Ако во образложението за потребата за уставни измени во првата реченица Владата наведува дека тие се прават со цел да се зајакне мултиетничкиот карактер на државата, веќе во втората се негира првата реченица, наведувајќи дека Македонија е најдобриот пример во Европа и светот за мултиетничност. Оксиморон. Образложение, колку да се напише нешто, без малку да држи вода. Второ, кога веќе се прават уставни измени, наместо да се зајакне унитарниот карактер на државата, кој е сериозно на удар, и да се истакне носечкиот и државотворен карактер на македонскиот народ, како обединувачки нуклеус, тој уште повеќе се деградира така што се става во иста категорија со некој што ниту го признава постоењето на Македонците, уште помалку на македонскиот јазик, а за неговата историја воопшто и не станува збор. Затоа, тие „уставни експерти“ во работната група требаше барем малку да ја заслужат дневницата и да направат нешто за својот народ, наместо да работат за задоволување на апетитите на соседните држави.

И сега за едни вакви дилетантски уставни амандмани ќе треба да расправаат пратениците со собраниската комисија за уставни прашања, а, што е уште полошо, за нив ќе треба да го прекинат одморот и да дојдат на 18 август за на пленарна седница да гласаат за потребата да се носат уставни измени. Згора на тоа, свесни се дека го нема потребното мнозинство и дека најверојатно ќе се креира некакво сценарио по кое целата постапка ќе почне, па ќе се одложи со некое образложение што само собранискиот спикер може да го измисли, продолжението ќе се остави за септември, па за октомври, сè додека има можност да се најде некое „креативно“ решение и сè додека на европските ескадрони нема да им здосади да доаѓаат и да ја повторуваат истата мантра „уставни измени, уставни измени“, со единствена цел во меѓувреме да се убедат некои од пратениците на опозицијата да ги поддржат уставните измени.
Веќе не поминува ниту наративот дека ако не се усвојат уставните измени, ќе следува потоп за Македонија, изолација, чекалница и слично. Албанија и Црна Гора ќе оделе напред, ние ќе сме останеле. Па, што не отидоа Албанија и Црна Гора досега напред ако се толку добри? Црна Гора преговара 10 години и не мрднала никаде. Исто така и Србија. А Албанија во оној момент кога ќе тргне сама, ќе се соочи и со Холандија, и со Данска, и со Австрија, а богами и со Грција, така што приказните што ги кажуваат Европејците се само за наивни луѓе. Тоа се обични европски бирократи, денес ги има, утре не. Ќе дојдат други, ќе се формира нова европска комисија, нов европски парламент, секогаш има лобирања, интереси, само прашање е колку ние ќе имаме дипломатска умешност да се избориме за нашите интереси.
Народот веќе не е наивен и кај него повеќе не поминува никаква европска приказна без конкретни дела. Да, ќе направиме уставни измени, ама сакаме брз прием во ЕУ со прецизен датум. Написмено, заверено, со печат. Бугарија искрено да покаже дека нема намера да блокира. Не мора да го менува Уставот, како знак на добра волја нека ја повлече декларацијата од 2019 година и нека изгласа нова, во која ќе ја признае посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик и ќе дозволи земјата да си гради сопствен историски наратив. Се разбира, тоа нема да се случи, но убаво звучи и би било вистински гест што прекуноќ ќе ги смени македонско-бугарските односи во целосно позитивна насока.

Вака, џабе Ескобар изјавува дека работат со бугарската влада да нема нови условувања за Македонија и веројатно Бугарите се многу кооперативни во таа насока, оти сите нивни услови се веќе вметнати во договорите и во преговарачката рамка. Бугарија бара само тие да се почитуваат и затоа вели дека нема да поставува нови услови.
Како и да е, сега врелиот костен е фрлен кај парламентарците. И можеби е добро што процесот на уставните измени започна, за конечно да почне и расплетот од длабоката политичка, економска, општествена, институционална и севкупна криза, оти вака како што се одвиваат работите водат само кон едно – ставање катанец на државата. Буквално ништо не функционира, ниту една институција. Затоа и американската амбасадорка Агелер, а претходно и холандскиот амбасадор Хоп јасно ни кажаа баталете уставни измени и што другите ви кажуваат, средете си ги работите дома.
Луѓето се во право. Ниту едни преговори со ЕУ нема да ги направат нестручните кадри стручни, партиските војници натпартиски, кабинетот на вицепремиерот Груби државна институција, Јавното обвинителство вистинско обвинителство…
Мора да расчистиме сами со себе, како општество. Дали сакаме вистински функционална држава или, пак, етнички територии што ќе зјаат празни оти сите ќе си заминат не гледајќи никаква перспектива тука. Гласањето во Собрание на 18 август треба да биде историски датум, кога народните избраници ќе стават точка на лошото владеење, на корупцијата и криминалот и ќе постават вистински европски курс на државата, курс на реформи во сите области. Тоа значи отстранување на партиските кадри од сите раководни функции во институциите и поставување експерти и професионалци, преполовување на гломазната администрација и нејзина замена со дигитализирани системи. Да се стави точка на партиските вработувања и партиите да престанат да бидат агенции за вработување, туку извор на развојни политики, идеи, проекти што ќе ја туркаат државата напред. Продавањето етнички агенди веќе не поминува, бидејќи цела западна Македонија е празна, убавите куќи од Кичево до Охрид зјаат празни, со спуштени ролетни не оти е премногу топло надвор, туку оти во нив нема никој и никогаш и нема да се врати, бидејќи гледаат каков јавашлак се случува во државата. Исто така е и на истокот на земјата.
Можеби изнасилените уставни измени под бугарски диктат се една лоша работа што на крајот може да излезе на добро, граѓаните да се обединат и да побараат од политичарите конечно да почнат да работат во насока на создавање нормална и средена држава. Можеби ова е последна шанса за такво нешто.